Кој е фраер?

Горан има 34 години, роден е во времето кога неговата држава стана независна, збогувајќи се со една поголема, која изгоре во пламенот на страшна братоубиствена војна. Горан е многу пристојно и фино момче, но неговиот живот го одредуваат и диригираат некои други, неважни и искомплексирани ликови. Тие за себе сметаат дека се многу подобри од него, па затоа безобразно си земаат за право да го гледаат „од високо“ и да го сместуваат во калапи во кои тој по ниеден критериум не припаѓа. Затоа што тие се фраери, богати во џебот и сиромашни во душата, распрдени од лигавење и покажување мускули пред обичните фини млади луѓе, деформирани внатрешно и надворешно, празни како празно корито на пресушена река, а сепак полни со себе и вљубени во сопствениот лик во огледалото.
Фраери од раѓање, со сите привилегии, кои со ништо не ги заслужуваат, ниту пак морале да се изборат за нив. Ете така, едноставно фраери, оти (случајно) се родиле на друга локација, во други услови и со подобра стартна позиција. Надворешно привидно убави и згодни, а одвнатре без чувство на емпатија, без човечност, без разбирање и поддршка за сите што не се фраери како нив. Се собираат повремено во својот елитен фраерски клуб, мразејќи се до коска меѓусебно, но гушкајќи се лицемерно заради лични интереси, кој од кого поважен, кој од кого посилен… Кој од кого поизвештачен и попромашен. Ги снимаат, ги сликаат, сѐ се врти околу нив, а тие божем сериозно, како главни ѕвезди на шоуто, климаат со тоа празните глави и НОСАТ ОДЛУКИ.
Наметнуваат закони, правила и начини на дејствување – се разбира, само онакви какви што НИМ им одговараат. И како сите добри фраери, сметаат дека сите девојки се нивни, дека целата правда им припаѓа ним, дека другите се само ситна боранија, смотанковци, нискокласни суштества, совршени цели за отстрел. Во нивното елитно друштво е забранет влезот за секој што не личи на нив, па макар бил и безброј пати пошколуван, поталентиран или почовечен. Додуша, не е дека не глумат дека се подготвени да го прошират друштвото. Тамам работа, па тие се ДЕМОКРАТСКА ЗБИРШТИНА! (Ај не бидете злобни сега, јасно дека знаат што е тоа демократија.) Љубезни фраери се тие, со насмевка ќе ти го… Уништат расположението.

Е добро, де, има таму еден меѓу нив што и не е баш фраер, оти нема педигре заради мајка му Радодајка, оти јазикот му е најсмешен на свет и уште не ги излекувал траумите од детството поврзани со фармерки и кашкавал… Ама таа црна овчичка мора да ја држат до себе, немаат каде, ја прифатиле, ја примиле во своите јаки редови и сега само треба да внимаваат на неа и да не дозволат премногу да ги срами пред светот. Океј, шири невистини, не признава „не“ од убави девојки, малку (повеќе) забегува во фантазиите за својата големина и важност… Ама па, им седи на маса на другите фраери и не бива да го кудат, не е арно тие однадвор да разберат дека во друштвото има проблеми заради утки во иницијацијата на членови. И ете, тоа замислено, непостојно фраерче си тера ќефој и не дава позгодни, поубави и повредни да седнат до него на масата. Горан не е во друштвото. Не го пуштаат во клубот, освен кога треба да му се закануваат строго кревајќи го показалецот или кога од добрина ќе му дозволат да седи отстрана и тажно да гледа оддалеку колку сите тие се кул и прекрасни. Горан не е фраер по нивни терк. Премногу е добар за излитените, извештачени и одродени ликови, премногу е надарен од Бога за неталентираните мамини и татини синови, ама премалку е подготвен да остане чергиче пред нивниот праг и да молчи пред нивните фраерски директиви. Горан е Македонија. Горан е потомок на храбрите срца, убавите девојки и кадарните таленти. Семејството на Горан во себе ги гушка ликовите што раѓале прогрес, носеле писменост и се бореле за праведни стремежи. Горан е персонификација на мојата земја Македонија, тоа стројно момче во себе насобрало сѐ најубаво што една татковина може да го поседува. Горан е способен млад интелектуалец, Горан е Сирма Војвода, Горан е вечно вљубениот Рацин и незаборавно талентираниот Тоше. Горан забива голови како големата легенда Пандев или како бунтовниот млад пикер Лазаревски, тој забива „тројка“ како незаборавниот Илиевски и ич не им се плаши на „големите“, оти иако никој од фраерите не му признава, тој е сепак НАЈГОЛЕМ.
Си седат така фраерите во нивниот клуб, исполнет со луѓе без родова определба, си седат и си договараат која најнова беља да му ја наместат на Горан, каков нов бесмислен услов да му треснат на маса, та да окапе трчајќи по нив, а никогаш да не ги втаса. Нејќат тие некој како него лесно да им влезе во друштвото, ќе си стават трн во здрава нога. Оти такви некадарни какви што се, брзо ќе ги стигне и престигне, оставајќи ги да се прпелкаат во сопствената просечност и потпросечност.

Ааа, не може така, господине Горан! Ние со години сме главни фраери тука, а ти сакаш да влезеш и да ни ги грабнеш најубавите девојки! Штом ќе те видиме и запознаеме, ќе сфатиме оти ние сме грди и не толку умни, та ќе се вљубуваат во тебе, а нам ќе ни даваат „корпи“ големи како нашата лажна аристократија. Горан е навистина едно прекрасно момче. Единствена мана му е што не сака да ги учи лекциите од минатото, кои му ги сервираа европските фраери без покритие. Сѐ уште сака да биде дел од нивното изгниено друштво, да седи со нив на масата и да дели карти, сѐ уште упорно сонува да припаѓа онаму од каде што умните почнаа да излегуваат, зашто смрдеата е преголема и не се дише внатре. Кутриот Горан е измислен за нив во секој поглед, ама нели пуста желба за правда и еднакви можности? Родителите на Горан тој блуткав сон веќе го отсонуваа, најубавиот дел од животот им помина пред влезот на европската чекалница, небаре оние внатре не се како нив од крв и месо, туку од злато и срма. Дали сега му е редот и на Горан да ги проживее истите понижувања и ударите на чизми во лицето? Ќе се наведне ли доволно ниско, ќе доживува ли одново и одново „дежа ви“ со некои нови јалови фраери и некои нови недоквакани персони?
Аман веќе, треба да се живее, бре луѓе! Горан, Марија, Дарко, Ангела… Македонијо! Најубава земјо со најубави деца! Срцевино на Европа! Врутоку на култура, уметност и божја дарба! Остај ги нека кршат глава, не трчај по нив, кај се видело умниот на глупавиот да му слугува? Ако еден ден сфатат што губат поради некои искомплексирани говеда, тогаш прими ги на разговор, преговарај, дозволи им да те викаат своја. Ако не, да не се повторувам, ама… нека фаќаат гитла! Македонијо, си преживеала толку многу предавства, убијци и душмани, што се за тебе овие? Ќе ги оддуваш со една песна од Јонче Христовски. Горан сака да биде фраер. Горан сака да е Европа. Горан не знае нешто. Горан е фраер. Европа не е фраер, само глуми дека е.

Валбурга Батева Николоска