Домување
Да знаете како да ги исчистите стаклените врати во кабините за туширање е клучно ако сакате блескаво чиста бања. Стаклените врати за туширање често се валкаат од капките вода и од производите за туширање. Можете да користите хемиски средства за отстранување на дамките или самите да направите раствор за чистење од состојки во домаќинството. Стаклените врати за туширање треба да се чистат по секоја употреба. Можете едноставно да ја избришете површината за да ја отстраните водата. Можете исто така да ја испрскате вратата од тушот со секојдневно средство за чистење стакло што не мора ни да го избришете.
За стаклените врати една од најефикасните состојки е оцетот. Разредувањето на дестилираниот бел оцет во дестилирана вода со малку сјај за миење садови ќе помогне да се отстранат остатоците од сапуница. Потоа со сунѓер или со гума за чистење може да ги светнете вратите од тушот. Дестилираниот бел оцет содржи оцетна киселина што ќе ги разложи дамките од сапуница. Сепак, киселината може да го оштети природниот камен, па не се препорачува за ваков тип на туш кабини.
Како да ја приготвите смесата? Измешајте два дела дестилиран бел оцет со два дела дестилирана вода во шише со распрскувач. Додајте 1/4 лажиче течност за миење садови. Потоа, почнувајќи од врвот на стаклената врата, испрскајте го растворот обилно на стаклото. Оставете го растворот да отстои најмалку пет минути. Овој раствор од оцет може да се користи и секојдневно, па во тој случај нема потреба да чекате. Почнувајќи од врвот со неабразивен сунѓер или гума избришете го стаклото. Ако растворот од оцет се исуши, додајте уште малку. На крајот исплакнете ги вратите и избришете ги со сува крпа.
Исто така и сокот од лимон е ефикасен за оваа намена. Тој содржи лимонска киселина и може да се користи за секојдневно чистење. Сепак, иако е поблаг од оцетот, не треба да се користи за тушеви од природен камен. Измешајте еднакви делови сок од лимон и дестилирана вода во шише со распрскувач. Додајте 1/4 лажиче течност за миење садови. Почнете од врвот на стаклената врата и испрскајте ја површината со растворот. Оставете да дејствува околу пет минути. Исплакнете го растворот со вода. Користете крпа од микрофибер за да го исушите стаклото и да ги отстраните трагите и дамките.