Не се знаеше дали таа воопшто ќе отпатува, оти имаше грип и уште не е заздравена доволно. Очекував и повеќе, но со оглед и на тежината на самата кугларница, задоволен сум, вели тренерот и претседател на КФМ, Игор Михајловски
КУГЛАЊЕ
Во Апатин (Србија) во тек е првото Европско првенство (ЕП) во куглање во сениорска конкуренција и ЕП во возрасната категорија до 23 години, кое ќе трае до недела. Македонија настапува во подмладен состав со следниве седум натпреварувачи: Никола Андоновски, Александар Младеновски, Драгана Гаврилова и Мирјана Младеновска во сениорска конкуренција, како и Владимир Талевски, Стефанија Алексовска и Емилија Илијевска во јуниорска конкуренција, предводени од тренерот и претседател на Кугларската федерација на Македонија (КФМ), Игор Михајловски.
Во сениорска конкуренција, досега настапија Никола Андоновски, кој собори 583 кегли, и Драгана Гаврилова, со 527 кегли. Во дисциплината двојки микс (се собира заедничкиот резултат) обајцата урнаа вкупно 1.110 кегли. Во истата конкуренција куглаше и Мирјана Младеновска со резултат од 497 кегли меѓу 32 кугларки, но сите тие не се пласираа меѓу најдобрите 16.
На ЕП до 23 години од Македонките засега најдобар резултат постигна Стефанија Алексовска, која собори 571 кегла, што ѝ обезбеди пласман во второто коло каде што настапуваат најдобрите 16 кугларки. Бидејќи колото не беше докомлетирано, таа пред да завршат последните шест кугларки беше четврта според резултатот, што во најлош случај значи дека би можела да биде 10-та, но секако ја помина првата фаза.
– Да, очекувано Алексовска обезбеди пласман понатаму на ЕП. Не се знаеше дали таа воопшто ќе отпатува, оти имаше грип и уште не е заздравена доволно. Очекував и повеќе, но со оглед и на тежината на самата кугларница, задоволен сум. Ќе чекаме да доиграат сите натпреварувачки и потоа ќе знаеме со која противничка ќе игра во следното, второ коло – ни изјави Игор Михајловски.
Ако Алексовска ја победи следната противничка (која ќе ја дознае по комплетирањето на мечевите на преостанатите натпреварувачки), ќе обезбеди пласман во четврт-финалето. Втората македонска натпреварувачка во оваа конкуренција, Емилија Илијевска, урна 508 кегли, а кај јуниорите Владимир Талевски собори 497 кегли.
На ЕП 2025 во сениорска конкуренција настапуваат 13 држави, а до 23 години 12 држави, се фрлаат по 120 кегли. Г.И.