Исланд го освои бронзениот медал на минатото СП за јуниори, во 2023 година (има бронза и од СП 1993), а на ЕП 2024 беше на седмото место. Романија, која го освои 16-то место на ЕП 2024, деветти пат ќе игра на јуниорско СП, првпат по 2015 година. Местото резервирано за Ракометната федерација на Океанија е незафатено и ИХФ сега бара замена, како четврти член на групата Ф. За Македонија тоа ќе биде четврти настап на СП, а на годинашниот шампионат се пласира со освоеното деветто место на ланското младинско ЕП
РАКОМЕТ
Македонската јуниорска репрезентација, за ракометари до 21 година, ќе игра во групата Ф, во Катовице, на Светското првенство (СП) што годинава треба да се игра во Полска, со селекциите на Исланд, Романија и на репрезентација што дополнително ќе биде одредена од Светската ракометна федерација (ИХФ). По две репрезентации од секоја од осумте групи ќе се пласираат во главната групна фаза.
Ждрепката за првата групна фаза на 25-то Светско првенство за јуниори беше влечена вчера во Осло (Норвешка), во пресрет на продолжението на Светското сениорско првенство во ракомет, кое е во тек во Хрватска, Данска и во Норвешка, а каде што од синоќа на програмата се четвртфиналните натпревари.
За црвено-жолтите тоа ќе биде четврто учество на јуниорските светски првенства (во 1997 година го освои 15-то место, во 2007 година 10-то и во 2017 година шестото место, кога играа и неколку ракометари што настапија за Македонија на сенироското СП годинава), а за годинашниот јуниорски шампионат се пласира со освоената деветтата позиција на Европското првенство (ЕП) за ракометари до 20 години, кое во 2024 година се играше во Словенија.
Репрезентацијата на Исланд го освои бронзениот медал на минатото Светско првенство за јуниори, одиграно во 2023 година (има бронза и од светскиот шампионат во 1993 година), а на младинското Европско првенство во 2024 година го освои седмото место. Романија, која беше 16-та на континенталното младинско првенство во 2024 година, деветти пат ќе игра на јуниорски мундијал, првпат по 2015 година. Местото резервирано за репрезентација од Ракометната федерација на Океанија е незафатено и ИХФ сега бара замена, пишува Светската ракометна федерација за четвртиот член на групата Ф на СП 2025.
Вкупно 32 репрезентации ќе играат на годинашниот јуниорски Мундијал, второ издание со толкав број селекции, по шампионатот во 2023 година. Во моментов од пласираните селекции 17 се од Европа, по четири од Африка и од Азија, три од Јужна и Централна Америка и две од Северна Америка, пишува Светската ракометна федерација.
Според правилата и регулативите на ИХФ, Полска, земјата домаќин, имаше привилегија да назначи репрезентација за секој град домаќин, како и да ја избере својата група, пишува ИХФ. Така, Полска ќе биде во групата А, во Плок, заедно со Норвешка, Словенија и со Уругвај.
Актуелниот јуниорски шампион Германија во групата Г, во Киелце, ќе игра со уште две европски репрезентации, Србија и Швајцарија, како и со Тунис. Вицешампионот од претходното јуниорско Светско првенство, Унгарија, во групата Б, во Сосновец, треба да се соочи со Австрија, Аргентина и со Бразил. Групата Ц ја сочинуваат Шведска, Јапонија, Јужна Кореја и САД, во групата Д, Португалија ќе игра со Хрватска, Алжир и со победникот на Интерконтиненталниот трофеј на Светската ракометна федерација, во групата Е ќе се натпреваруваат селекциите на Данска, Франција, Мароко и на Мексико, а во групата Х ќе играат репрезентациите на Шпанија, Египет, Бахреин и на Саудиска Арабија.
Светското првенство за јуниори годинава ќе се одржи во полските градови Плок, Сосновец, Катовице и во Киелце, од 18 до 29 јуни. Н.М.
СП 2025 ЗА ЈУНИОРИ
Група А: Норвешка, Полска, Словенија, Уругвај
Група Б: Австрија, Унгарија, Аргентина, Бразил
Група Ц: Шведска, Јапонија, Ј. Кореја, САД
Група Д: Португалија, Хрватска, Алжир, победник на турнир на ИХФ
Група Е: Данска, Франција, Мароко, Мексико
Група Ф: Македонија, Исланд, Романија, селекција одредена од ИХФ
Група Г: Германија, Тунис, Србија, Швајцарија
Група Х: Шпанија, Египет, Бахреин, Саудиска Арабија