Фото: МИА

Деветгодишно дете од Свети Николе починало на Клиниката за детски болести во Скопје. Од Детската клиника за МИА потврдуваат дека во вторникот кај нив било донесено деветгодишното дете од Свети Николе, кое починало по неполни два часа.

Според директорот на клиниката, Реџеп Мемеди, детето било донесено во нивната установа во тешка здравствена состојба со срцев застој и лоши витални параметри.

 – Случајот е од пред два дена. Детето е од Свети Николе, а во Скопје е донесено во тешка состојба со течна столица со крвавење. Направени се испитувања и кај детето се покажале повеќе ниски параметри. За два часа откако е донесено тоа почина – вели Мемеди.
Претходно, од штипската Клиничка болница излегоа со соопштение за смртта на деветгодишното дете.

Како што се наведува во соопштението, детето било донесено на Одделот за детски болести во штипската Клиничка болница на 14 јануари во 18 часот во „тешка општа состојба со засегната свест“.

– Веднаш се реализирани биохемиски иследувања и КТ на глава и поради тешката состојба, со медицинска придружба во 19 часот, истиот ден, детето е транспортирано до Клиниката за детски болести во – Скопје – се додава во соопштението.