Александар Вучиќ / Фото: ЕПА

Србија

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, вчера поднесе 100 потписи од пратениците на СНС за поведување советодавен референдум за доверба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Почитувани граѓани на Република Србија, еве 100 потписи на пратеници, најголемата пратеничка група „Александар Вучиќ – Србија не смее да застане“. Еве ги потписите што ја поддржуваат иницијативата – рече Брнабиќ на прес-конференција во Белград.
Таа рече дека опозицијата има демократска можност и шанса да ја исполни својата цел и да си ги реши проблемите, а тоа е „да го тргне Александар Вучиќ“, и дека се неопходни уште 67 потписи од пратеници од опозицијата, кои сѐ уште не се поднесени.
Повикувајќи се на студијата на Центарот за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА), според која повеќе од 50 отсто од граѓаните на Србија не ја поддржуваат работата на претседателот, што беше причина за приказната за референдумот, Брнабиќ ја обвини опозицијата дека „самите си ја нарачале и самите си ја платиле студијата“.
– Во секој случај, да провериме, вие најмногу му верувате на ЦРТА во светот, сакаме да се провери волјата на народот. Значи, како поддршка на таа иницијатива, да распишеме советодавен референдум со прашање дали сте за поведување постапка за разрешување на претседателот на републиката – рече Брнабиќ.
Таа додаде дека претседателот на Србија, доколку референдумот покаже дека повеќе од 50 отсто од граѓаните немаат доверба, истиот ден ќе поднесе оставка.
Вучиќ во вторникот ги повика опозициските партии да поднесат потписи за советодавен референдум за доверба на српскиот претседател. Р.С.