Клубовите што сезонава играат во европските купови можат да регистрираат најмногу тројца нови играчи и тие ќе можат да играат по завршувањето на лигашката фаза на трите континентални клупски натпреварувања
ФУДБАЛ
По речиси половина од зимскиот преоден рок околу 170 милиони фунти се вложени во нови фудбалери во петте најсилни првенства во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија), според интерактивната страница на британски „Гардијан“. Според тие податоци, до вчера се направени 144 трансфери, многу од нив на заем или без обесштетување.
Во јануарскиот преоден рок клубовите низ континентот се обидуваат да остварат договори со нови фудбалери за да ги засилат своите тимови за втората половина од сезоната 2024/2025 во трката по титули, за влез во европските купови или за опстанок.
Клубовите што сезонава играат во европските купови, според правилата, можат да регистрираат најмногу тројца нови играчи, а од сезоната 2018/2019 веќе не е важно дали тие фудбалери веќе сезонава настапиле во истиот куп за друг клуб, па дури и за друг клуб што уште е во конкуренција, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Новите фудбалери за куповите на УЕФА (Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига) треба да бидат пријавени до 6 февруари и за новите клубови ќе можат да играат по завршувањето на лигашката фаза на трите континентални клупски натпреварувања. Н.М.