Заработката од продажбата на двете книги ќе биде донирана во хумани цели

Издавачката куќа „Арс ламина“ бележи успешна книжевна година, со објавени 190 нови наслови, од кои 50 книги за возрасни, 70 публикации за деца и 70 образовни изданија и списанија. Најпродавана книга за возрасни во 2024 година е „И јас сум Сирма“ од Зоран Спасов-Ѕоф. Најпродаваното издание за деца е „Си беше еднаш“ – со најубавите бајки на сите времиња, кои се со нова раскажувачка адаптација на Оливера Ќорвезироска и илустрации од Наталија Лукомска. Заработката од продажбата на двете книги ќе биде донирана во хумани цели. На второ место е „Лејла“ од Колин Хувер, број еден авторката на бестселери на „Њујорк тајмс“. На третата позиција е првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев, чиј автор е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов. На четвртата позиција е новиот роман на популарната авторка Јана Мишо – „Што се случи со Исидора?“.
– „Изгубениот“ и досега необјавен роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес – „Се гледаме во август“ беше една од најбараните книги во 2024 година. Десет години по смртта на легендарниот колумбиски писател, книгата излезе од печат на македонски јазик на неговиот роденден (6 март), истовремено во повеќе од 30 земји во светот. На шестата позиција е мотивациската книга „Твоите пет следни потези“ од креаторот на „Валјутејнмент“, број еден канал на Јутјуб за претприемачи, Патрик Бет-Дејвид. Топ листата со најпродавани книги за возрасни ја комплетираат: романот „Нов живот“ од најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература, Орхан Памук, „ЗЕН уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно и бестселерот „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон – вели издавачот.
Високо на листата на најпродавани книги за најмладите читатели се најде и „Рокчето“, првата книга за деца од познатиот македонски поет Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска. Следува големата книга „Нови бајки од Македонија“, како и изданијата од едицијата „Размислувај како гениј“.