Германија во уште еден шок
Нападот со автомобил во петокот во Магдебург, во кој загинаа петмина, а повеќе од 200 лица беа повредени, ги разгоре политичките тензии во Германија, каде што преовладуваат поделени мислења за имиграцијата и за зголемената популарност на десничарските партии, пренесуваат светските медиуми. Додека земјата е опфатена со изборна кампања, во која доминираат прашањата за миграцијата и неуспешната економија, трагедијата предизвика прилив на тврдења од тамошните политички субјекти. Извештаите сугерираат дека германските власти биле предупредувани за осомничениот напаѓач, кој е од Саудиска Арабија. Тој, наводно, ја поддржува крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), која во моментов е на второто место во анкетите.
Мотивот за нападот останува нејасен, но инцидентот го насочи вниманието на јавноста кон државните ставови за имиграцијата и граничната контрола. Министерката за внатрешни работи Ненси Фајсер рече дека властите можат со сигурност да кажат дека „сторителот е исламофобичен“. Главниот обвинител, пак, истакна дека осомничениот во притвор дал изјава за мотивот за злосторството, но одби да изнесе дополнителни детали.
Миграцијата стана битно прашање во Германија, која во 2015 година прими голем број бегалци од Сирија, за време на мандатот на поранешната канцеларка Ангела Меркел. Згора, во четвртокот во Германија се одбележа осмата годишнина од нападот на божиќниот пазар на Берлин, кога исламистот Анис Амри уби 12 лица со камион. Р.С.
Доктори од Македонија учествувале во лекувањето на повредените
Двајца македонски доктори, Златко Станковски и Владимир Митевски, вработени во болницата во Магдебург, дале свој придонес во лекувањето на погодените во крвавиот напад на божиќниот пазар во овој германски град, објави македонската амбасада во Германија.
– Горди со д-р Златко Станковски и д-р Владимир Митевски. Златко е од Прилеп, а Владимир од Радовиш. Тие работат како специјалисти за интерна медицина и интензивна нега во болницата во Магдебург. Го дадоа својот придонес во спасувањето и лекувањето на погодените од трагедијата во Магдебург. Горди со нашата дијаспора – објави македонската амбасада во Германија. Р.С.