Се работи за инклузивност, се работи за клубови од целиот свет, 32 најдобри клуба и најдобри играчи од целиот свет, за да се одреди кој е навистина најдобар во светот, рече претседателот на ФИФА, Инфантино
ФУДБАЛ
Европскиот шампион Реал Мадрид од Шпанија ќе игра во групата Х на реформираното фудбалско клупско Светско првенство (СП) в година во САД, со Ал Хилал од Саудиска Арабија, Пачука од Мексико и со Салцбург од Австрија, а Интер Мајами од САД ќе игра со Ал Ахли од Египет во воведниот натпревар на СП 2025, на 15 јуни, во Мајами, во групата А, во која се и Палмеирас од Бразил и Порто од Португалија, одреди ждрепката влечена во Мајами, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Мундијалот во САД ќе биде првиот на кој ќе настапат 32 клуба. Двете првопласирани екипи од секоја од осумте групи ќе се пласираат во осминафиналето. Вкупно 63-те средби на СП 2025 ќе се играат во Атланта, Шарлот, Синсинати, Лос Анџелес, Мајами, Нешвил, Њујорк, Орландо, Филаделфија, Сиетл и во Вашингтон.
– Ова е историски ден оти денес се одбележува денот на ждрепката на првото Светско клупско првенство на ФИФА. Фудбалот го обедини светот преку светските првенства, СП за мажи од 1930, СП за жени од 1991 година. Но она што недостигаше беше нешто за да се утврди кој е најдобриот клуб во светот. Го имаме сега, Светското клупско првенство на ФИФА, кое почнува нова ера во клупскиот фудбал. Се работи за инклузивност, се работи за клубови од целиот свет, 32 најдобри клуба и најдобри играчи од целиот свет, за да се одреди кој е навистина најдобар во светот – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој најави дека новиот трофеј за светскиот клупски шампион ќе оди на глобална турнеја, посетувајќи ги сите 32 тима учесници, пренесе ФИФА.
Натпревари за светската клупска титула се одржуваат од 1960 година, кога почнаа како дуели помеѓу прваците на Европа и на Јужна Америка (прво со мечеви дома и на гости, потоа по еден дуел на неутрален терен). Така се играше до 2004, а од 2005 година до лани, натпреварите се играа турнирски, во организација на ФИФА, со учество на сите континентални прваци. Со новиот формат, според кој клупските светски првенства ќе се играат секои четири години, настап обезбедуваат прваците на континентите во четиригодишниот циклус помеѓу две светски клупски првенства, како и најдобрите тимови според ранг-листите за секој континент во тие четири години. Реал Мадрид е најтрофеен со осум светски титули, по четири имаат Милан (Италија) и Баерн (Германија), по три освоија Пењарол (Уругвај), Национал (Уругвај), Бока јуниорс (Аргентина), Сао Пауло (Бразил), Интер (Италија) и Барселона (Шпанија)… Во САД в година ќе играат 11 тима, кои претходно ја освоиле светската титула. Вкупно досега 31 клуб биле планетарен клупски првак. Н.М.
КЛУПСКО СП 2025, ПРВО КОЛО
Група А: Ал Ахли (Египет) – Интер Мајами (САД), Палмеирас (Бразил) – Порто (Португалија)
Група Б: Пари сен Жермен (Франција) – Атлетико Мадрид (Шпанија), Ботафого (Бразил) – Сиетл (САД)
Група Ц: Баерн (Германија) – Окленд сити (Нов Зеланд), Бока јуниорс (Аргентина) – Бенфика (Португалија)
Група Д: Фламенго (Бразил) – Есперанс (Тунис), Челси (Англија) – Леон (Мексико)
Група Е: Ривер плата (Аргентина) – Урава (Јапонија), Монтереј (Мексико) – Интер (Италија)
Група Ф: Флуминенсе (Бразил) – Борусија Дортмунд (Германија), Улсан (Јужна Кореја) – Мамелоди (Јужна Африка)
Група Г: Манчестер сити (Англија) – Видад (Мароко), Ал Аин (ОАЕ) – Јувентус (Италија)
Група Х: Реал Мадрид (Шпанија) – Ал Хилал (Саудиска Арабија), Пачука (Мексико) – Салцбург (Австрија)