За време на вечерашната прослава на Денот на албанското знаме, низ улиците во дел од Скопје, било скинато македонското знаме, според видеа што се појавија на социјалните мрежи.
Откако неколку улици во делови од Скопје вечерва беа блокирани од колони возила, од кои се вееја албански знамиња, на видеа објавени на социјалната мрежа Икс, во близина на Бит-пазар на еден автомобил може да се види како лице го кине македонското знаме и го фрла настрана.
Во коментарите под видеото револтирани граѓани бараат одговорност и казни за уништувањето на македонското знаме.
Од Јавното обвинителство информираат дека е известен јавен обвинител и се преземаат дејствија за расчистување на настанот.
-ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осудува сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден – се вели во соопштението од партијата.
-Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваме дека има и политичка позадина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда. Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот. Kриминалните банди кои 20 години ги ограбија институциите и сите граѓани независно од етничката припадност, денес со овој однос покажаа дека за нив националните знамиња не се ништо друго освен обвивка со која мислат дека ќе избегнат кривична одговорност.
Правдата доаѓа, а овие реакции се најголема потврда за нивниот страв – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму ги повикуваат граѓаните, како и во минатото кога имало вакви обиди, да останат достоинствени и мудри.
-Ова се само последни крици на еден криминален монструм кој ја понижи и ограби Македонија – велат оттаму.
Реакција стаса и од СДСМ.
-Најостро ги осудуваме инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме. Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности – велат оттаму.
СДСМ бара од Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија. Безрезервното спроведување на законите е единствениот пат до зачувување на мирот, безбедноста и довербата меѓу сите граѓани.
СДСМ повикува на смиреност и воздржаност од дополнителни провокации.
Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски го осуди, како што посочува, „непочитувањето на Законот за употреба на знамињата од страна на институции и органи и синоќешното уништување и сквернавење на државното и македонско знаме“ додека се славеше Денот на албанското знаме.
-Секогаш како човек сум го сакал своето, а почитувал туѓото! Денеска како човек но, и градоначалник на сите граѓани во Куманово од почит кон моите сограѓани од Албанската заедница го честитав Денот на албанското знаме, а воедно и во рамки на годишната програма за култура со едногласна одлука на советот беше подржан овој настан како и многу други во Куманово кои ги негуваат правата на етничките заедници. За жал тоа што денеска го видовме на многу места по државата, па и во мое Куманово особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитување на законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништување и сквернавење на нашето државно и Македонско знаме е за секаква осуда – истакнува Димитриевски во пишана изјава за медиумите.
Искажувајќи јавна осуда за ваквите настани, кумановскиот градоначалник бара од институциите на прогонот да ги открие ваквите поединци и групи и да ги изведе пред лицето на правдата и тие да бидат санкционирани според закон.
-Истото го очекувам и од моите колеги градоначалници на кои ова не им е прв пат да го кршат законот без да поднесат одговорност. Исто така очекувам јавна осуда на ваквите настани од сите парламентарни и вонпарламентарни партии во Македонија, како и сите претставници на
меѓународната заедница – потенцира Максимовски.
Според него, по ова денеска на тест е нашиот мултиетнички капацитет, дали е тоа искрена желба или пак само фарса.
– Јас сум за реално мултиетничко општество во кое што сите взаемно ќе се почитуваме со еднакви права и обврски и сите еднакво одговорни пред закон. Да газиш и кинеш, уништуваш знаме на држава која те израснала, образовала платила и плаќа, вложувала во тебе е злосторство против истата и треба да се одговара – наведува кумановскиот градоначалник и претседател на ЗНАМ.
-Иредентизмот кои го стимулираат т.н. албански партии и ширењето омраза кон македонската држава ја доживеа својата кулминација! Освен блокираните улици со колони возила со развеани албански знамиња (меѓу кои и иредентистичкото на „Голема Албанија“), овие толпи „славеа“ со рафални истрели од огнено оружје, газење и палење на македонското знаме и уништување на македонски симболи во некои основни училишта. Особено вознемирувачки за мнозинскиот македонски народ е фактот што се пееја песни со содржина дека Скопје е албански град, што претставува директна провокација и навреда за Македонците. Дополнително, Министерството за внатрешни работи и Панче Тошковски, и покрај сето дивеење по скопските улици и улиците во другите градови каде се „славеше“, не презеде соодветни мерки за спречување и санкционирање на овие инциденти, што укажува на сериозен пропуст во заштитата на јавниот ред и мир – велат од Левица.
-Кога се работи за самоволието на албанската заедница, потсетуваме дека за време на 2 Август, еден од најголемите национални празници на Македонија, наместо да се организираат свечености за подигање на македонската свест, бевме сведоци како се игра шота пред Собрание на Македонија – додаваат оттаму.
Левица бара од надлежните органи итно да спроведат истраги за сите инциденти и тие соодветно да бидат санкционирани.
-Потсетуваме дека со молчење кон понижувањата не се гради соживот, туку само се потпомага во остварување на крајната цел на иредентизмот на ДУИ и ВРЕДИ, а тоа е федерализација и распарчување на Македонија – велат од Левица.
ДУИ го осудуваат „индивидуалниот чин на палење на државното знаме“ и смета дека е „реакција на несоодветната интервенција на полицијата“
Демократската унија за интеграција остро ја осудува полициската интервенција без преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме, ден кој има исклучително значење за Албанците во земјава и ширум светот, стои во партиското соопштение.
-Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција. Истовремено, го осудуваме индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата – стои во соопштението на ДУИ
Оттаму велат дека „таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците ниту пак стремежите за стабилна соживотност и взаемна почит“.
-Во овој контекст, е неприфатливо и срамно што ВМРО-ДПМНЕ и одредени други политички сили се обидуваат да ги злоупотребат овие инциденти за да изградат лажна нарација која го криминализира секој став на Албанците. Оваа тенденција да се претстават Албанците како носители на криминални агенди претставува напад врз идентитетот и достоинството на Албанците и обид за прикривање на коруптивната агенда на овие структури. Тие политички сили, кои секојдневно ја држат државата надвор од механизмите за надзор на Европската унија, го ограбуваат државниот буџет и граѓаните преку злоупотреба на институциите за лични придобивки. Обидот да се оттргне вниманието од ваквите скандали преку криминализирање на Албанците е позната тактика која нема да успее. Албанците во Северна Македонија постојано го покажуваат својот ангажман кон демократските вредности, еднаквоста и меѓуетничката соживотност. Нема да дозволиме нашите легитимни ставови да се користат како параван за политички манипулации или за зачувување на позициите на тие што ги ставаат личните интереси над интересите на граѓаните и државата – се вели во соопштението.
ДУИ ги повикуваме институциите да дејствуваат со зрелост, професионалност и непристрасност, без разлика, и обезбедувајќи ги правата на граѓаните слободно да го изразуваат својот идентитет и култура.
-Воедно, ги повикуваме албанските граѓани, како и сите граѓани на Северна Македонија, да ја задржат смиреноста, достоинството и единството, и да не подлегнуваат на провокации и манипулации на оние кои имаат цел да создадат поделби и дестабилизација. Демократската унија за интеграција останува посветена на заштитата на правата и интересите на Албанците, придонесувајќи за европска иднина на Република Северна Македонија, каде што правдата, транспарентноста и еднаквоста ќе бидат основни вредности на нашето општество – се вели во соопштението.
Либерално-демократската партија најостро го осудува секој чин на сквернавење на македонското знаме, симболот на нашиот државен суверенитет.
-Таквите дејства не само што се навреда кон државата, туку и директно ги поткопуваат основните вредности на соживотот, почитта и граѓанската одговорност. Македонското знаме е симбол на единството и гордоста на сите граѓани, без разлика на нивните политички, етнички или верски убедувања. Ги повикуваме надлежните институции да спроведат темелна истрага и да ги санкционираат одговорните за овој непромислен и деструктивен чин. Истовремено, апелираме до сите граѓани да покажат зрелост и почит кон државните симболи, кои се заедничко наследство на сите нас. Сметаме дека еднаш засекогаш треба да излеземе од етничките трла и да бидеме доследни на зачувување на демократските вредности и интегритетот на државата. Да зборуваме за проекти, реформи и подобар стандард за граѓаните, а не за национализам и враќање во минатото – се вели во соопштението од ЛДП.
-По досега невидената прослава на 28 ноември, додека албанската песна и оро одекнуваа низ целата земја, очигледно оваа празнична атмосфера не им одговараше на оние на кои им се наруши комфорот на фотелјите на власта. На крајот на денот се појавија овие кругови кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Не затоа што ја сакаат државата, туку затоа што им недостига власта. Коалицијата Вреди најостро ги осудува овие неприфатливи дела што се случија синоќа за време на Денот на независноста на Албанија, каде срамно беа запаленидржавните знамиња, слики кои денеска беа објавени во јавноста од медиумите – реагираат од коализијата.
-Повикуваме на разумност и меѓусебно почитување, бидејќи палењето на знаме е подгревање на меѓуетничките односи во оваа земја. А, оваа работа не им служи ниту на оние кои ја поттикнуваат, односно на никој друг, а уште помалку на граѓаните. Чувствуваме одговорност и апелираме до сите граѓани да покажат разумност и решителност да не станат плен на злонамерни провокации. Не дозволувајте да бидете жртва на никого, а уште помалку од оние кои не ги слушнале или виделе вашите маки. Веруваме во високата свест на нашите граѓани кои ќе бидат будни и нема да бидат инструментализирани од оние кои по губењето на власта го изгубија патот во сопствениот двор. Мултиетничкиот карактер на Северна Македонија е вредност на нашата држава и општество, а секој што ќе се обиде да ги наруши меѓуетничките односи покажувајќи непочитување кон другите, особено кога се палат државните знамиња, ќе мора да се соочи со надлежните органи за спроведување на законот и да бидe повикан на одговорност – велат оттаму.
-Празничната и позитивна атмосфера во секој дел од земјата не треба и не може да биде помрачена од вакви изолирани акти. Секој облик на насилство е неприфатлив во нашата земја и мора да биде осуден без компромис од сите страни – велат од Алијанса за Албанците.
Демократски сојуз најостро го осудува палењето и кинењето знамиња на Македонија, на прославата на Денот на Албанското знаме и бара продлабочена истрага и одговорност од директните учесници и од поттикнувачите на овие антидржавни и антимакедонски активности.
Според Кривичниот законик, во членот 238, за „тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Македонија, нејзиното знаме, грб или химна“, предвидена е парична казна или затвор до една година.