Познатата словенечка авторка на книги за деца и млади Наташа Конц Лоренцути ја промовираше својата книга „Кој е денес главен“, што од словенечки на македонски ја преведе универзитетската професорка Лидија Аризанковска. На настанот, кој со поддршка на ЕУ-инфоцентарот го организираа издавачот „Бата прес“ и Градската библиотека, писателката со присутните деца зборуваше за делото, за своите авторски искуства и за креативно пишување.
Книгата „Кој е денес главен“ е духовита и интересна приказна со преубави илустрации од познатата словенечка илустраторка Тања Комадина. Приказната ја следи Ника. Таа е најмалото девојче во семејството и едвај чека да биде главна. И тоа ќе се случи, се разбира. Но, пред да биде главна треба да поминат неколку годишни времиња и треба да направи неколку урнебесни работи, да патува, да си игра, да научи нешто ново и малку да порасне…
Објавувањето на делото е поддржано од ЕУ и од Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“ оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори. Неколку од авторите во последново тримесечје од годинава се поканети и прифатија да присуствуваат на промоции на нивните објавени дела во Македонија.
Наташа Конц Лоренцути (1970) дипломирала на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, каде што и магистрирала во 2010 година. Во периодот од 1994 до 1999 година била ангажирана како актерка во два професионални словенечки театри, а од 1999 година се посветила на литературата. Досега има објавено тринаесет книги за деца и млади и три книги за возрасни. Нејзините книги биле номинирани и освоиле врвни награди за литература и творештво во Словенија, како и меѓународни признанија во Трст, Италија.