Украина за првпат истрела проектили „Сторм шедоу“ доставени од Велика Британија кон Русија, објавија денеска „Би-би-си“.
Потегот на украинските сили е откако Киев доби зелено светло од Лондон за употреба на тој вид оружје.
Неколку проектили биле лансирани против најмалку една руска воена цел – објави „Фајненшл тајмс“, цитирајќи неименуван западен претставник.
Тајмс соопшти дека владини извори ја потврдиле употребата на ракетите со голем дострел за првпат. Во извештајот, цитирајќи руски канали, се вели дека 12 од проектилите биле истрелани во Курск, пограничен регион делумно под контрола на украинските сили, денеска попладне.
Гардијан објави дека Велика Британија и дала дозвола на Украина да ги користи ракетите во Русија како одговор на распоредувањето на севернокорејските трупи на границата.
Кабинетот на премиерот Кир Стармер во Даунинг стрит и Министерството за одбрана одбија да ги потврдат извештаите кога беа контактирани од локални и странски медиуми.
Запрашан денеска во парламентот за извештаите, секретарот за одбрана Џон Хили рече дека „не може да навлегува во други оперативни детали“.
Тој развој на настаните се случува откако Украина почна да користи ракети со голем дострел ATACMS што ги доби од САД, а за чие користење неодамна доби дозвола од американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден, да гаѓа цели во Русија.
Во меѓувреме, Бајден одобри САД да испратат нагазни мини во Украина, за што известуваат и светските медиуми.
САД го засилија испраќањето воена помош за Украина за да го забават постојаниот напредок на руските сили на бојното поле.
Војната во Украина започна во февруари 2022 година, со инвазијата на таа земја од страна на руските трупи.
Русија сега контролира околу 17 отсто од територијата на Украина.