Во продолжение на денешното рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеше и поранешната директорка на Фершпед, Кираца Трајковска.
– Ја видов објавата на Зорица на Фејсбук. Гоце ме праша кое е девојчето, му реков дека е на Сашко ќерката. На почетокот, јас, ќерка ми, зетот, зборувавме што ли е работата и на почетокот сметавме дека е во години кога можеби излегла да се прошета со момче, па зборувавме дали имала комуникации со други деца, па помисливме да не се работи за некоја врска со момче од некоја друга националност, на сѐ помислувавме.
Кираца Трајковска и нејзиниот син Гоце, кумови со семејството на грабнатата и свирепо убиена Вања Ѓорчевска, се првите кои ги поврзале исчезнувањата на Панче Жежовски и на Вања, според нејзиното сведочење денеска во Основниот кривичен суд.
Трајковска појаснуваше дека нејзината интуиција ја навела да мисли дека ,,цитроенот” е сомнителен и го поврзала со исчезнатиот велешанец, но не можеше да се сфати како точно дошла до таков заклучок. Рече, дека кога ,,цитроенот” им станал сомнителен, бидејќи поминал во близина на зградата, го поврзале возилото со Панче Жежовски, за кој слушнала дека е исчезнат, па помислиле тој ја грабнал Вања.
Од нејзини роднини од Велес барале информации дали исчезнатиот Панче (додека сè уште не бил најден мртов), има старо сиво возило. Добила потврден одговор на тоа што интуитивно се посомневала дека може тој човек ја грабнал Вања. По овој заклучок, Гоце снимките ги дал во МВР.
Но, на дополнителните прашања, дали од сликата која ја добила од синот се гледала регистерската табличка, за да види дека возилото е од Велес, рече не, па остана нејасно како го поврзала автомобилот со исчезнатиот Панче од Велес.
Нејзиниот син Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања водеше паралелна истрага, и обезбедуваше снимки, денеска не дојде да сведочи, бидејќи како што рече неговата мајка, добил паничен напад и имал висок крвен притисок.
За Александар кажа дека бил вреден работник кога работел во Фершпед. Но, и дека ни Александар, ни некој од семејството на Зорица го познавал Љупчо Палевски.
Палевски ми е зет од втора братучетка, Сашко е од старо кумство, другите обвинети не ги познавам, рече сведокот Кираца Трајковска на денешното судење за случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски Палчо како првообвинет, и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
Сите обвинети за овие сурови злосторства се изјаснија дека се невини.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
Судењето продолжува на 20 ноември.