Ексклузивни наоди од пред 2.500 години изложени во Охрид

Во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид ексклузивно беа изложени најновите археолошки откритија во Охридско-Струшкиот Регион. Овој голем научноистражувачки успех не само што фрла нови светла на археолошката историја на нашата земја туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.
Археолошките истражувања се дел од проектот „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј, кои се одвиваат на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко. Сѐ започнало во 2020 година, кога Шефит Шемшедини при извршување земјоделски работи во атарот на с. Корошишта, Струшко, открил бронзен шлем, кој потоа го предал во Заводот и музеј во Охрид.
Археологот Перо Арџанлиев, раководител на истражувањата, информира дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј во Скопје добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.
– Во рамките на гробната целина се откриени бронзен шлем; златни прстени, килибарни и стаклени перли; златни фолии со различни форми и декорација; сребрени игли; бронзен сад за вино; сребрен кантарос; бронзени чинии и друго, кои подоцна ќе бидат конзервирани и претставени пред јавноста. Овие наоди не само што се од посебно значење за научниот и културниот аспект на истражувањата туку тие ја дополнуваат и сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени состојби во овој регион – рече Арџанлиев.
Инаку во Охридско-Струшкиот Регион досега се истражувани голем број некрополи од архајскиот период, со богати гробни наоди, што сугерира на активен живот на високоорганизирана социјална елита на овој простор во тоа време.
Министерот за култура Зоран Љутков го посети Заводот, каде што беа изложени ексклузивно некои од пронајдоците, а присуствуваа и директорите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид, НУ Археолошки музеј од Скопје и на НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга, Горан Патчев, Славица Бабамова и Цветлана Василевска, како и археологот Перо Арџанлиев, со дел од тимот археолози.
– Пред нас и пред целата јавност ексклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-Струшкиот Регион. Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период (6 век пр. Христа), која по многу нешта личи на далеку попознатата Требенишка некропола, која е во непосредна близина. Во рамките на гробната целина се регистрирани околу 80 наоди, од кои дел е пред нас. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања, кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и понатаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст – рече министерот Љутков.
Според него, зачувувањето на нашето културно наследство не е само наша обврска туку и одговорност кон идните генерации.