ЗБОГУМ, МЛАДОСТ МОЈА, 1

(приказна за една мелодија)

Штотуку од Сењак се преселив кај Галиќеви, во „Пролетерских бригада“ (некогашна и сегашна „Крунска“), на четвртиот кат во долгата и широка зграда точно наспроти музејот на Тесла. Во тоа време свирев во „Бубамари“, со група мои врсници, но веќе опитни во владеењето инструменти. По пробите што ги држевме во станот на гитаристот Гордан, ќе се спуштев до блиската книжарница на „Народна књига“ во „Цетињска 6“ или ќе стрчав до факултетот. Од свирка спонтано минував во светот на книгите; бендот и литературата не си пречеа еден на друг. И кога свирев во „Топчидерска ноќ“ до доцна по полноќ, следното утро бодро чекорев по „Таковска“ кон факултетот. Испитите на прва година на компаративна ги давав лесно, сѐ на сѐ, имав доволно желба, но и време да настапувам со „Бубамари“, а често во станот во „Пролетерских“, на задоволство на домаќините, во дневната соба да музицирам на нивниот стар, добро зачуван клавир. Во тие мои необврзни импровизации најмногу се внесуваше синот на Галиќеви, Влада, кој по часовите во гимназијата, доаѓаше дома со свои другари од класот, кои ќе се надобереа околу клавирот и често му се придружуваа на пијанистот со гласно пеење.

Еден од најдобрите другари на Влада, неговиот имењак Дивљан, се издвојуваше по својата музикалност и веќе добро свиреше гитара, беше убаво, разговорливо момче, единец како и јас, и сѐ почесто се наоѓавме во „Пролетерских бригада“ или кај него дома за да музицираме. Мајка му Мирјана, грижлива, топла жена, и татко му Стеван, молчалив, но добронамерен (беше роден на 29 февруари, па се шегуваше дека е помлад од својот син) – граѓанска двојка по потекло Херцеговци, докажани во своите професии.
Така почна една долготрајна музичко-другарска авантура. Веќе во јануари 1973-та формиравме група што ја нарековме „Мерлин“. Влада Галиќ на голем пакпапир ја наслика плакатата на бендот со главата на волшебникот како најава за нашиот прв настап во просториите на една дорчолска месна заедница. Маалскиот другар на Влада, Зденко Колар, свиреше бас, две-три години подоцна, мојот маалски другар од „Пролетерских бригада“, Никола Поповиќ, ги презеде тапаните. Наскоро ја смисливме и првата рок-песничка што гласеше некако вака:

Јануара седамдесет треќе
Неко мени гласно рече
Постоји један Влада мали,
Кад он свира, он зна да пали.
То је он! Сад хвата тон! То је он, он, он! Сад хвата тон!
Упознах тада Владу
И његову гитару.
Рече ако хоќеш дасу,
Узми онда Зденка на басу.
То је он! Сад хвата тон! То је он, он, он! Сад хвата тон!
Секојдневно вежбавме по подруми и гаражи, свиревме по месни заедници, ресторани и гимназиски фискултурни сали, на „бувљакот“ во Земун продававме стрипови со Загор, Југотон сингл-плочи, парчиња облека и фармерки, за да присобереме нешто динари за појачало. Така дојдовме до првиот (користен) „фендер“.
Јас продолжив да настапувам на едно издржливо електрично пијано што ми го позајми еден од нашите први поддржувачи, инаку момче од богато белградско семејство, каде што понекогаш имав шанса да посвирам на големите „фарфиса“ оргули со бас-педали.