Фото: Горан Анастасовски

Археолошките истражувања покажуваат дека градот бил населен уште во античкиот период. Во Кратово и неговата околина истражувачите пронајдоа повеќе монети од пајонскиот крал Адалјон, кој владеел во периодот 315-285 година пред нашата ера

Занимливости

Кратово е еден од најстарите градови во Македонија, а можеби и на Балканскиот Полуостров. Археолошките истражувања покажуваат дека градот бил населен уште во античкиот период. Во Кратово и неговата околина истражувачите пронајдоа повеќе монети од пајонскиот крал Адалјон, кој владеел во периодот 315-285 година пред нашата ера.
Археолошките истражувања укажуваат дека како градски центар се развива во текот на Римската Империја. Административно ѝ припаѓал на римската провинција Дарданија, кога бил значаен рударски град. Според истражувањата, најстарото посведочено име на градот е Кратишкара, а во раниот среден век се сретнува името Коритон. По поделбата на Римската Империја, Кратово станало составен дел од Источната Римска Империја, односно Византија, а градот и понатаму бил значаен рударски центар. Во овој период градот тргувал со бакар, сребро и злато.
По слабеењето на Византија, Кратово било освоено од средновековната српска држава, а градот и понатаму бил значаен рударски центар, кога биле ковани средновековни српски монети. Во тој период градот се оформил како културен и духовен центар, во неговата близина се развил манастирот „Лесново“, чиј ктитор бил моќниот феудалец Јован Оливер, кој бил господар на Кратово.


По распадот на средновековната српска држава, Кратово се нашло под власта на браќата Дејанови. Од тој период датираат и кулите градени од убав делкан камен. Се верува дека кулите имале исклучиво одбранбена улога, бидејќи во нив живееле закупците на локалните рудници со своите семејства и чуварите, а во нив биле сместени и монетите што биле заработувани од рудата. Исто така биле користени и подземни тунели што ги поврзувале кулите.
Во османлискиот период Кратово и понатаму било значаен рударски град. Во 16 век градот и неговата околина биле султански хас, односно биле под директно владеење на султанот. Во 17 век во градот се ковале сребрени монети, а Кратово било посетено и од османлискиот султан Мурат.
Според Евлија Челебија, во Кратово имало околу 800 куќи, 300 дуќани, теќиња, амами, чешми и др. Кон крајот на 17 век започнува опаѓање на градот, кое траело до 1805 година. Во почетокот на 19 век градот го губи своето значење како рударски центар.
Денес градот се одликува со симпатична архитектура, чаршијата, кулите и мостовите на Кратовска Река, која го дели градот на два дела. Меѓу убавините на Кратово е и старата црква „Св. Јован Опсечен“, која била обновена во 1836 година од страна на Андреј Дамјанов. Д.Ст.