Фото: „Нова Македонија“

Бројот на повреди се зголемува од година на година откако индексот првпат беше објавен во 2021 година, пишува АП

СПОРЕД ИЗВЕШТАЈ НА „ХАУДЕН“

Зголемениот број на повреди на врвните фудбалери чинеше речиси 800 милиони долари за тимовите низ водечките домашни европски првенства во минатата сезона, според извештајот објавен неодамна, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Во време кога постои зголемена загриженост за бројот на натпревари што се бара да ги играат фудбалерите, индексот на повреди на европскиот фудбал за мажи покажа дека имало 4.123 повреди во најдобрите фудбалски дивизии на Англија, Шпанија, Германија, Италија и на Франција, во сезоната 2023/2024, а трошоците за повредите се засноваат на пријавените плати на соодветните фудбалери и времето во кое тие беа надвор од терените, пишува „Асошиејтед прес“.
Бројот на повреди се зголемува од година на година откако индексот првпат беше објавен во 2021 година.
– Големината на тимовите во клубовите и понатаму ќе биде тестирана, особено со претстојното воведување на новото Светско клупско првенство за фудбалери во 2025 година – пишува во извештајот, пренесе „Асошиејтед прес“.
Индексот е произведен од фирмата за спортско осигурување „Хауден“, а објавувањето на извештајот дојде еден ден откако синдикатот на играчи и европските лиги поднесоа формална жалба до Европската Унија против Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Во минатиот месец фудбалерот од средниот ред на Манчестер сити, Родри, рече дека фудбалерите биле блиску до штрајк поради зголемените барања од нив. Репрезентативецот на Шпанија неколку дена потоа претрпе повреда на коленото поради која ќе паузира до крајот на сезоната, пишува „Асошиејтед прес“.
Фудбалскиот индекс бележи пораст на повредите уште пред проширувањето на Светското клупско првенство и Лигата на шампионите. Се вели дека имало 14.292 во најсилните пет европски лиги, кои датираат од сезоната 2020/2021.
Тоа чинеше 2,5 милијарди долари, врз основа на пријавените плати, пишува „Асошиејтед прес“. Само во минатата фудбалска сезона оваа бројка била 798 милиони долари. Во просек, имало повреда на секои 92 минути фудбал во кои учествувале тимови од тие домашни фудбалски првенства, а во извештајот пишува и дека има „загрижувачки тренд“ околу фудбалерите помлади од 21 година, кои имале зголемен број тешки повреди, пишува „Асошиејтед прес“. Н.М.