НА ГОСТИ КАЈ ТРЕТООДДЕЛЕНЦИТЕ ОД ООУ „КИРЕ ГАВРИЛОСКИ-ЈАНЕ“ ВО ПРИЛЕП

Минатата среда, а по повод Светската недела на детето, во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп се одржа средба под наслов „Имам право да се хранам здраво“.
На третоодделенците и на нивните наставници Кети Стевананџија и Тони Ташкоски, на гости им беше нашиот соработник, поетот и агроном Филип Димкоски.
Двочасовната дружба беше исткаена со стихови и интересни факти за зеленчукот и овошјето, видеоматеријали и со музичка изведба на учениците.
По дегустирањето овошна и зеленчукова салата, која беше приготвена на часот со продукти од градината на Филип, учениците правеа изработки од пластелин, цртежи и лични поетски творби.
Дечињата научија дека секое дете има право на здрава храна, а најздрава е храната што ќе ја произведеме сами или ќе ја набавиме од локалните производители.


Тата мата за ајвар и за салата

Не знам дали од Јужна Америка
со доматот заедно доаѓале,
ама знам дека отсекогаш
во салата одлично се совпаѓале.

Барем кај нас во Македонија
пиперки има колку сакаш
и свежи да ги јадеш
и во пинџур да ги макаш.

Со нив се прават ајварот и лутеницата,
може да се нанижани, некаде засолнети
печени, гмечени, пеглани
толчени, пржени, полнети.

И уште ли мислите дека лимонот
е најбогат со витамин Ц?
Е па, не, е па, не!
Пиперката тука зема прво место
и затоа јади ја колку можеш почесто.

Филип Димкоски
(од книгата „Овошје и зеленчук“, „Феникс“, 2023)