Писателот Гоце Ристовски ѝ ја подари на општината семејната куќа, која се наоѓа во центарот на Крива Паланка, за изградба на театар што ќе го носи неговото име. Гоце Ристовски е македонски прозаист, драмски автор, литературен и театарски критичар, есеист, колумнист, аналитичар, литературен преведувач, универзитетски професор. Тој е редовен член на Академијата на науките и уметностите со седиште во Лондон.
Негови текстови, литературни и театарски прилози и критики и научни студии се објавувани во „Слободна Далмација“ во Сплит, „Поља“ во Загреб, „Спизалит“, „Разгледи“, „Магазин 21“, „Млад борец“ „Сцена“, „Театарски гласник“ и на повеќе портaли во земјава и во странство, а негови книги се продаваат на значајни интернет-продавници и библиотеки во САД и во Европа и се чуваат во еминентни светски библиотеки – библиотеката во Стејт департментот во САД, Националната библиотека на Франција, Националната библиотека на Полска, Националната библиотека на Австралија, библиотеката наУниверзитетот во Стенфорд и др. За него постојат голем број референци на Интернет, а негови текстови се пренесувани на многу портали и веб-страници, преведувани и на англиски. Бил аналитичар во рамките на проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија, подготвувајќи критички анализи на дискурсот.
Неговата драма „9“ е праизведена во 2016 година на големата сцена во Културниот центар во Нови Сад, а преведена е на јазици на поранешните југословенски републики, на бугарски, турски и на руски јазик. Македонската премиера беше на крајот на 2021 година.
Во Истанбул беше прогласен за најдобар драмски писател од Европа за 2023 и 2024 година.
Во Ресен, пак, ќе се гради театар што ќе го носи името на актерот Мето Јовановски.
– Идејата беше на професорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Гоце Ристовски и со задоволство ја прифатив. Ресен има потреба од ваков објекти и се надевам дека свечено ќе биде пуштен во употреба пред почетокот на меѓународниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ – вели градоначалникот Јован Тозиевски.