Фото: „Нова Македонија“

Македонската репрезентација, која води по првите две кола во групата 4 на лигата Ц од Лигата на нации, утре гостува во Летонија, а в недела во Ерменија

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ

Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за октомвриските мечеви во Лигата на нации, со Летонија утре и со Ерменија в недела, двете на гости. Селекторот Благоја Милевски повика 25 фудбалери за средбите од третото и од четвртото коло во групата 4 на лигата Ц, во која Македонија води по првите две кола со четири бода, по еден повеќе од Ерменија и од Летонија, а четири од Фарските Острови.
– Сигурно правиме доста работи добро штом од фудбалскиот свет нѐ гледаат како фаворити во групата, но мислам дека треба да бидеме скромни и да продолжиме да се бориме за оваа шанса што ја имаме да направиме нешто многу убаво. Нема да биде лесно, особено што играме на гости. Денес сите репрезентации ги развиваат фудбалот и тактичкото знаење. Немаме многу време за подготовки, ќе анализираме за да ги идентификуваме нивните слаби точки и ние да ги искористиме нашите шанси за да одиме да ги освоиме сите шест бода на двата натпревара – изјави репрезентативецот Давид Бабунски за Фудбалската федерација на Македонија.
Македонија трипати славеше на дуелите со Летонија во досегашните три меѓусебен средби, две во квалификациите за ЕП 2020 и една во пријателски натпревар во 2014 година во Скопје. Со селекцијата на Ерменија, Македонија одигра рекордни 14 натпревари, забележа седум победи, три нерешени и четири порази. Победникот на групата 4 ќе се пласира во лигата Б и со тоа ќе се отвори можност и за настап во баражот за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година, во САД, Мексико и во Канада. Според најавите, на Мундијалот ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи, како и четири победници на плејофот, во кој ќе играат 12-те второпласирани селекции во групите од квалификациите и четири најдобри репрезентации меѓу победниците на групите во сите четири лиги на Лигата на нации (А, Б, Ц и Д) што не се пласирале директно или не обезбедиле место во плејофот како второпласирани во квалификациските групи. Н.М.