Премијата од три милиони денари за јуниорската репрезентација на Македонија е за освоеното прво место на ЕП (до 18 год.) дивизија Б
Министерството за спорт ќе ѝ исплати премија од три милиони денари на јуниорската кошаркарска репрезентација на Македонија за освоеното прво место на Европското првенство (до 18 години) дивизија Б. Министерот за спорт Борко Ристовски ја потпиша одлуката со која на јуниорската кошаркарска репрезентација на Македонија ќе ѝ биде исплатена парична премија од три милиони денари, која е доделена за освоеното прво место на Европското првенство (ЕП) за јуниори (играчи до 18 години) дивизија Б, кое се одржа од 26 јули до 4 август годинава во Скопје.
По иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски, Владата донесе одлука со која го задолжи Министерството за финансии да обезбеди парични средства во висина од три милиони денари за Министерството за спорт, а Министерството за спорт преку Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) тие средства да ги распредели на стручниот штаб и на кошаркарите во младинската репрезентација, се наведува во соопштението на Министерството за спорт.
Како што е познато, македонските кошаркари на ЕП за јуниори (до 18 год.) дивизија Б, одржано во Скопје, го освоија златниот медал, забележувајќи осум победи во исто толку одиграни натпревари. Со овој пласман кошаркарите обезбедија и настап во елитната дивизија А и настап на следното ЕП за јуниори, кое ќе се одржи во Србија. Г.И.