Катче за родителите
1. Те молам
Кога децата сакаат нешто или им треба, волшебните зборови со кои можат да го добијат тоа се „ве молам“ или „те молам“. Ова е една од најлесните лекции бидејќи малите палавковци кога нешто посакуваат, прават сѐ за да го добијат.
2. Благодарам
Кога некој нешто ќе им подари, ќе им даде или подаде, децата би требало да знаат да кажат „благодарам“. На почетокот овој израз повеќе ќе биде врзан за материјални добра, а подоцна ќе се прошири и на емоционални давања и помагања. На пример, „ти благодарам што ми помогна“ или „благодарам што ме сослуша“ и слично.
3. Извини
Овој волшебен збор ја рефлектира нашата емпатија, односно сочувство за лицето што сме го повредиле. Често и возрасните имаат проблеми со изговарањето на овој збор, бидејќи сметаат дека мораат да се откажат од својата гордост и оти „извини“ значи своевидна загуба за нив. Но вистината е спротивна. „Извини“ не значи капитулација, признание и откажување од борбата, туку отвора врата за помирување, хармонија и љубов. Голем број родители кога ќе згрешат кон сопственото дете сметаат дека од него не треба да бараат извинување бидејќи тие сѐ уште се мали. Но тоа е најголемата грешка. Ако му се извините на своето дете, му покажувате дека го почитувате како личност и го учите дека зборот „извини“ не е слабост, туку доблест.
4. Повели
Со изговарање на овој збор, детето покажува почитување кон блиските. Со давање нешто материјално, проследено со „повелете“, детето го отвора своето срце кон личноста што ја дарува.
5. Добро утро, добар ден, добра вечер
Живееме во отуѓен свет, во кој најчесто сосед со сосед не се поздравува. Сепак, научете го детето дека е пристојно да се поздравуваат не само постарите луѓе со кои доаѓа во контакт, туку и своите врсници. Па и да биде со „здраво“, „чао“, „хеј“, сепак при средбата со друга личност пред сѐ треба срдечно да отпоздравиме.