Во рамките на Програмата за активностите од областа на образованието при Општина Карпош, минатата недела во ООУ,,Димо Хаџи Димов“ на секое училиште му беше доделена целосно нова ИТ-опрема. Осовременувањето на наставата со нагледни и дидактички материјали е вистинска потреба во денешно време. Новите училишни програми налагаат секое училиште да има услови за работа, современи техники при изучување на предметите, како и користење нови приоди во учењето на наставните единици.
Имено, локалната самоуправа за оваа намена издвои 1,5 милион денари, а набавени се 17 паметни табли (интерактивна табла, проектор, држач и кабел), шест преносливи компјутери, пет ЛЦД-проектори, еден ласерски печатач во боја, едно ѕидно платно за проекција со монтажа, два ламинатора А3/А4-формат, десет сета од тастатура со глувче, четири надворешни уреди за складирање и две А3-портабл 3Д-скенер.
Од Општина Карпош планираат во секое училиште да достават околу 30 нови компјутери, а училниците во кои се изучува предметот компјутерски науки да добијат најсовремени компјутери. Ова се прави со цел децата уште од најмала возраст да се запознаат со електронските уреди затоа што ова е електронска доба, па така, добро е ние да сме во чекор со овој тренд.
– Задоволство е да се престојува во училиштата во Општина Карпош, во кои хигиената и современите услови се на највисоко ниво. Целосно опремени училници по природни науки, хемија, биологија и физика, кабинети од кои излегуваат првенци на генерација со освоени награди на државни и меѓународни натпревари – велат од локалната самоуправа.