Читај, млад читателу, како едно момче го брани своето достоинство, бескрајно се радува кога се среќава со песните на Рацин објавени на македонски мајчин јазик, читај како идниот голем поет ги пишува своите први песни на јазикот на својот народ
Осврти, рецензии: Добре дојде за книгата „Детството на Конески“ од Мишо Китаноски
За детството како период на човековото постоење се изречени многу дефиниции и мислења. Но, најприфатлива е онаа, според која, од безгрижното, радосно детство, исполнето со љубов во семејството, многу зависи и карактерот на човекот, некогашното дете. Детството не е само „златно кајче далеку што броди“, туку и изблик на спомени, сеќавања што ја галат душата за да заличи на сино мирно море. А кога ќе се запознаеме со детството на знаменит човек, поцелосно го доживуваме и разбираме и неговото дело. Тоа чувство прераснува во извор на љубов, почит, инспирација.
Ете со таква радост ја дочекав книгата на писателот, новинар и публицист Мишо Китаноски, „Детството на Конески“. И веднаш го обзнанувам мојот предлог: министерствата за образование и наука и за култура и туризам да им ја подарат оваа несекојдневна книга на библиотеките на сите основни и средни училишта во нашата татковина. Тоа ќе биде можност учениците да се запознаат со едно дете, кое со многу труд, самодоверба и љубов кон луѓето и науката стигнало од малото Небрегово преку Прилеп и Крагуевац до височините на светската литература и наука. Ќе се сретнат со добриот и вреден татко Јордан, со кротката македонска мајка Зака и со кротката баба Дунавка, но и со стрината Вета, „втората мајка“ на малиот Блаже, која во долгите ноќи му раскажувала приказни всадувајќи ја во неговото детско срце љубовта кон народното творештво. Китаноски во детството на нашиот литературен и научен великан нѐ воведува со благост. Имено, првиот настан е поврзан со пчелите што таткото Јордан и бабата Дунавка ги носат дома во врбова кошница, а првиот мед го вкусува малиот Блаже. Продолжува со копањето на бунарот во дворот, при што Блаже му помага на таткото. Водата е радост за семејството, но и за сите во селото. Тоа е таа добрина, човекољубие што е траен украс на Блаже Конески во текот на целиот негов живот.
Блаже Конески уште како дете се одликувал со бистрина, со желба за учење. Така, во прво одделение го запишале со шест наместо со седум години, но и покрај тоа го завршил одделението со одличен успех. Така ќе биде и во идното негово школување во Прилеп (од второ одделение) и во гимназијата во Крагуевац. Читателот на ова интересно четиво ќе ја доживее големата тага на едно дете што се разделува од родното место. Тоа Блаже Конески не го преболел и заборавил. Својата љубов и носталгија ја опеал во песната „Од возот“. (Еве го крајот во возбуда сина / таму детството мое ми мина / плачат овие планини за мене!) Детство и со радост и со тага, но секогаш ведро и со оптимизам. Во убавите доживувања посебно место зазема денот кога во берберницата на мајстор Туте научил да игра шах, едно омилено негово хоби во целиот живот, што ќе дојде до израз и во неговото школување во Крагуевац каде што го продолжува образованието по завршувањето на нижата матура во Прилеп. Тука е и неговата детска радост кога со другарчињата оди на коледе, ги запознава и прилепските мечкари итн.
Почит и инспирација читателот на овие записи за детството на Конески ќе најде и во текстовите поврзани со четиригодишниот престој во Крагуевац, Србија, заедно со педесетина ученици од Македонија. Ајде, млад читателу, читај како едно момче игра фудбал со крвави нозе, зашто чевлите му се распаднале. Читај за едно лажно другарство, за една голема измама, но и за момче, кое и покрај сите неволји, е најдобар фудбалер, шаховски талент, посакуван партнер на секој ученик во гимназијата… Читај како едно момче го брани своето достоинство, бескрајно се радува кога се среќава со песните на Рацин објавени на македонски мајчин јазик, читај како идниот голем поет ги пишува своите први песни на јазикот на својот народ.
Читај, млад читателу, за детството на еден голем поет и научник. Читај и твоето срце ќе се исполни со љубов, почит и инспирација и ти својот живот да го осмислиш.
Автор: Перо Миленкоски