Продолжуваат тензиите на Блискиот Исток
Повикот на Франција, Германија и на Велика Британија за воздржаност во нападот на Израел „нема политичка логика“ и „се коси со принципите на меѓународното право“, соопшти Министерство за надворешни работи на Иран.
– Без никакви приговори за злосторствата на ционистичкиот режим, изјавата на европската заедница дрско бара Иран да не реагира на кршењето на неговиот суверенитет и територијален интегритет – рече портпаролот на министерството, Насер Канани, повикувајќи ги Париз, Берлин и Лондон „еднаш засекогаш да застанат против војната во Газа и против Израел“.
Американскиот претседател Џо Бајден и лидерите на Франција, Германија, Италија и на Велика Британија преку заедничка изјава го повикаа Иран да се „откаже“ од заканите за напад на Израел. Лидерите на сите пет земји ја изразија својата поддршка за повикот на САД, Катар и на Египет за продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа со цел да се постигне договор што е можно поскоро.
– САД бараат од Турција и од другите сојузници што одржуваат односи со Иран да го убедат да ги намали тензиите на Блискиот Исток – изјави американскиот амбасадор во Турција, Џеф Флејк. Според него, турските соговорници на Вашингтон прават сѐ што можат за да не дојде до ескалација и изгледаат посигурни од САД дека тоа нема да се случи.
Израел, пак, им пренесе пораки на САД и на неколку европски земји дека на секој директен напад од Иран ќе одговорат со израелски напад на иранска територија, објави израелското воено радио. Техеран и неговите сојузници, Хамас и либанската шиитска група Хезболах, го обвинија Израел за убиство на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, додека израелската влада не презеде одговорност за атентатот. Р.С.