ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Погачар се повлече од ЛОИ поради екстремен замор
Победникот на велосипедската трка Тур де Франс, Тадеј Погачар, се повлече од Летните олимписки игри (ЛОИ) поради „екстремен замор“, соопшти Словенечкиот олимписки комитет, пренесе „Би-би-си“. Погачар во неделата третпат победи на славната грантур-трка долга 3.498 километри. Игрите почнуваат в петок, во Париз (Франција), а 25-годишниот велосипедист требаше да учествува на друмската трка, закажана за 3 август. Погачар годинава победи на уште една грантур-трка, Џиро д’Италија, во мај, и стана првиот што победил на тие две од трите најголеми велосипедски трки во истата година, по Италијанецот Марко Пантани во 1998 година, пишува „Би-би-си“. Н.М.
Новата сезона во алпско скијање почнува утре во Чиле
Јужна Америка годинава го има најснежниот почеток на сезоната во претходните 30 години, снежните врнежи во почетокот на сезоната беа обилни, по што Чиле ќе биде домаќин на неколку трки во алпско скијање во текот на јули, август, септември и на октомври, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Првата трка за отворање на сезоната ќе биде во Ел Колорадо, со два велеслалома, утре и задутре. Зимската серија во Чиле и Купот на Јужна Америка ги пречекуваат спортистите од целиот свет, пишува ФИС.
– Возбудени сме што ќе ја отвориме натпреварувачката сезона 2024/2025 и ќе примиме спортисти од Јужна Америка и од светот. Јужноамериканските трки се платформа за јужноамериканските и на светските спортисти да се подготват за сезоната 2024/2025 – вели Хорхе Мандру, шеф на зимските серии во Чиле.
Јужноамериканскиот куп ќе почне и ќе продолжи со натпревари во Аргентина и ќе има седум настани во различни скијачки центри во Чиле и во Аргентина, пишува ФИС. Н.М.