Катче за родителите: Што да се прави во најтоплиот дел од денот?
На децата треба да им нагласите дека сите активности ќе ги правите заедно и на тој начин нема ни да забележите дека „жешките“ часови поминале, а во домот владеат хармонија и задоволство
Што да се прави во периодот кога живата на термометарот се искачила високо и мора да седите дома? Тоа е време што родителите го сакаат за одмор, а децата, пак, се досадуваат. Тогаш се јавуваат проблеми и нервози.
За да се надмине тоа имаме неколку предлози.
Прво договорете се со децата и објаснете им колку часови треба да се поминат во домот и зошто е тоа така. Нивната прва желба ќе биде најжешкото време да го поминат во базен или, ако нема услови за тоа, пред телевизор, компјутер или со својот мобилен телефон. Ниту едното ниту другото не треба да бидат прифатливо решение.
Вашето објаснување треба да биде дека тие неколку часа ќе си играте, ќе цртате, ќе боите, ќе готвите, ќе читате. Нагласете им дека сѐ ќе правите заедно и ќе ги освоите.
Секое дете сака да помага во кујната, па затоа дозволете му да ви ги додава тенџерињата и приборот за јадење, дозволете му да исечка нешто и да ја постави масата за ручек.
Откако ќе го завршите овој дел, седнете да одморите со читање книги. Доколку децата се поголеми, замолете ги една од лектирите да ви ја прочитаат на глас. Така ќе бидете сигурни дека концентрацијата на детето е во содржината на книгата, а и пред него ќе покажете интерес за неговото читање. Ако децата се помали, тогаш вие како родител прочитајте им ја омилената сликовница, а подоцна предизвикајте ги да ви раскажат дел од тоа што го запомниле.
По поминатото време за читање може да се опуштите со некоја игра. Помалите девојчиња ќе бидат пресреќни ако со нив ги соблекувате, облекувате, храните и бањате омилените кукли. А со момчињата направете патеки за возење автомобили или играјте со војници и диносауруси. Доколку станува збор за момче и девојче, може да ги предизвикате заедно да играат семејство или училиште. Но не заборавајте и вие да бидете дел од играта, затоа што, во спротивно, може брзо да заврши или да се создаде некоја непотребна караница.
Интересна детска занимација секогаш е играњето со пластелин. Поттикнете го детето да направи фигури што подоцна можете да ги ставите како сувенири во домот. Кога еднаш ќе го направите ова, на детската креативност ќе ѝ нема крај секој нареден ден.
Децата секогаш ќе бидат задоволни ако ги вклучите во вашето хоби. За што и да станува збор бидете сигурни дека тие ќе го направат најдобро што можат, а вие за возврат заблагодарете им се за помошта.
Додека со децата правите што било, можете да се забавувате и со вербални активности. Дали ќе биде тоа играта „каладонт“ или „погоди го предметот“, децата секако ќе се внесат во размислувањето и ќе го вежбаат говорот.
Ова се само некои од предлозите како може да се искористат „жешките“ часови, а листата ќе се продолжи и со играње карти или други друштвени игри, редење сложувалка, па дури и со кратко гледање на омилените цртани филмови. Секако часовите брзо поминуваат, а потоа впуштете се во играње на базен или посета на игралиште, шетање во парк, посета на омилената слаткарница…
М-р Катерина Спасовска Трпковска