Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска по сондажата на буџетските трошења во изминатиот период констатира дека е неопходно буџетот да има сериозни кратења. Таа наведе неколку пластични примери на безобѕирно трошење на државниот буџет, при што подвлече дека има широк простор за кратење на непотребните трошоци и пренасочување на тие средства за функционални проекти
Пуштен буџетскиот циркулар за да се изјаснат сите институции за потребите од буџетско финансирање
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска ја информира јавноста за конкретните чекори направени за првиот ребаланс на буџетот. Во изјавата таа ги информира граѓаните дека ребалансот сѐ уште не е направен прецизно, но дека динамично се работи на длабински сондажи што откриваат сериозни недоследности при трошење на средствата од граѓаните. Некои од ставките ќе се преиспитаат, а некои се непотребни, како на пример ставката за борба против пандемијата на ковид-19, која ќе биде избришана.
Министерката најави дека во текот на денешниот ден „ќе биде пуштен буџетскиот циркулар, за кој ќе има само два дена да се изјаснат сите за потребите“.
Според Димитриеска-Кочовска, приоритет ќе биде сѐ што е законска обврска, како што се платите според потпишаниот договор, за што не беа обезбедени средства, а ќе има корекции и на пензиите.
– Ќе има и кратења. Мене ме чуди зошто воопшто уште има ставка за ковид. А некои ставки ќе се преиспитаат. Имаме ситуација со години да се зголемува буџетот, а ние не сме добиле ништо од тоа. На пример, од Секретаријатот за европски прашања на преговори во Брисел оделе 30 луѓе. Зошто? Можело да одат двајца. Оттука има простор за кратење на непотребните трошоци и пренасочување на тие средства за проекти што се функционални – вели министерката Димитриеска-Кочовска.
Министерката подвлече дека од првичните скенирања за тоа како финансиски се менаџирало со државниот буџет, таа констатирала дека „имало лошо управување со средствата“.
– Регистрирани се многу затворени средства, кои стоеле и не се користеле за реализација на капитални расходи – издвои министерката Гордана Димитриеска-Кочовска.
Според ставот на Димитриеска-Кочовска, таа има намера сериозно да се впушти во процес со кој ќе се регулира сивата економија, со што, министерката смета дека ќе биде дополнет државниот буџет. Таа откри и дека во екипата што ја подготвува за големи проекти ќе вклучи и искусни лица од приватниот сектор што дале согласност да направат, како експерти, трансфер во државната администрација, за таа да биде поефикасна.
– Кабинетот полека се екипира. Особено ми е мило што доаѓаат и луѓе од приватниот сектор. Тоа е многу тешко, тешко е да се привлечат луѓе од приватниот сектор во државната администрација – вели министерката Димитриеска-Кочовска. Е.Р.