Деветмина активисти на меѓународната организација за заштита на животната средина „Гринпис“ денеска се искачија на врвот на 180-метри високиот оџак на полската термоцентрала „Белхатов“, за да го изразат своето незадоволство од користењето на јагленот како значаен извор на енергија во Полска.
Протестот беше организиран во пресрет на преговорите за климата, што во организација на ОН ќе се одржат следниот месец во полскиот град Катовице.
Термоцентрала „Белхатов“ е најголемата електроцентрала во Полска и важи за еден од најголемите загадувачи на воздухот во Европа.
„Гринпис“ оценува дека Полска е премногу зависна од јагленот како енергенс за производство на електрична енергија. Според плановите на полското Министерство за енергетика, до 2030 година дури 60 проценти од електричната енергија во Полска ќе се добива од термоцентралите.
– Планот целосно ги игнорира заканите и предизвиците што ги создаваат климатските промени и е доказ дека министерот за енергетика воопшто не ги разбира промените во енергетскиот сектор на глобален план, изјави претставникот на „Гринпис“, Павел Шипулски.