Италијанската крајбрежна стража денеска извлече уште 14 тела од Јонското Море, каде минатата недела се случи бродолом кога се удавија 34 лица.
Десетици луѓе сѐ уште се водат како исчезнати, но се претпоставува дека настрадале.
Телата се пренесени во пристаниште во Калабрија. Три брода на крајбрежната стража сè уште трагаат по исчезнатите, на околу 190 километри од брегот.
Преживеаните рекоа дека моторниот чамец се запалил, што предизвикало да се преврти крај италијанскиот брег минатата недела, осум дена откако ја напушти Турција со околу 75 лица од Иран, Сирија и Ирак, соопштија ОН.
Единаесет преживеани се хоспитализирани.
Само оваа година, според податоците на ОН, повеќе од 800 луѓе се удавиле или исчезнале во Средоземното Море.