Претседателот на САД, Џо Бајден за уште една година ја продолжи уредбата за вонредна ситуација на Западен Балкан, оценувајќи оти регионот и понатаму претставува закана по американската национална безбедност и надворешна политика.
– Активностите на поединци кои го загрозуваат мирот и меѓународните напори за стабилизирање на ситуацијата на Западен Балкан, вклучително и актите на екстремистичко насилство и нарушувачки активности, кои го попречуваат напредокот кон ефективно демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските институции, продолжуваат да претставуваат необична и вонредна закана по националната безбедност и надворешната политика на САД – се наведува во соопштението на Белата куќа.
Уредбата првпат е воведена на 26 јуни 2001 под број 13219 со која тогашната администрација ги прогласи вонредните мерки за Западен Балкан во согласност со Законот за меѓународни вонредни економски овластувања.
– Лицата кои помагаат, спонзорираат или поддржуваат насилство во поранешна Македонија, сега Северна Македонија, но и во други делови на регионот и активности со кои се опструира примената на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина или Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединети нации донесена на 10 јуни 1999 година – се истакнува во соопштението.
Содржината на уредбата е сменета во 2003 година за да се применат дополнителни чекори поврзани со попречувањето на примената на Охридскиот рамковен договор од 2001 година во Северна Македонија.
Бајден во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.
– Оние кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во дејствие кое ја попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка, или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година – се наведува во извршната наредба на Бајден.
Во јуни 2021 година проширено е важењето на уредбата на национално ниво со што е прецизирана состојбата на просторот на поранешна Југославија и Албанија во изминатите две децении, вклучително поткопувањето на повоените договори и институциите по распадот на земјата, како и широко распространетата корупција ви владите и институциите на Балканот, што го попречува напредокот кон ефикасно и демократско управување.
– Отежнати се и целосните интеграции во трансатлантските институции, што претставува закана за националната безбедност и надворешна политика на САД – се истакнува во соопштението од Белата куќа.