Хавиер Милеи

Радикалните потези што претседателот Хавиер Милеи ги најави, а некои и ги спроведува, не наидоа на позитивен одглас кај населението, кое продолжи да осиромашува, на што бурно реагираа синдикатите – по сѐ прогнозите за аргентинската економија не се најсветли

Кога Хавиер Милеи водеше кампања минатата година да стане претседател на Аргентина, тој мавташе со моторна пила за да ја симболизира неговата решеност за значително намалување на јавната потрошувачка. Сега шест месеци од неговото десничарско претседателствување, како функционира неговата шок-терапија и за Владата и за економијата на земјата?
– Промените што ѝ се потребни на нашата земја се драстични. Нема простор за постепени чекори – рече Милеи непосредно по изборот.
И тој, секако, презеде брза акција. Во својот првичен пакет-мерки, тој ја девалвираше аргентинската валута, пезосот, за 50 отсто, ги намали државните субвенции за гориво и го намали бројот на владините министерства за половина. Брзото намалување на јавната потрошувачка ѝ помогна на Аргентина да се промени од фискалниот дефицит – разликата помеѓу трошењето и приходите на Владата – од 2 трилиони пезоси (120 милијарди долари; 93 милијарди фунти) во декември минатата година на суфицит од 264,9 милијарди пезоси во април.
Аргентина, исто така, забележа суфицит во јануари, февруари и во март, што е првпат да ја постигне оваа месечна цел од 2012 година.
Сепак, Милеи, кој се опишува себеси како либертанијанец, го стави намалувањето на инфлацијата за свој главен приоритет, велејќи лани за Би-би-си дека тоа е „најрегресивниот данок што најмногу ги погодува луѓето“.
Инфлацијата забави – во април месечната стапка падна на 8,8 отсто, првпат од октомври да не е двоцифрена. Оваа мерка на инфлација внимателно се следи во земји како Аргентина, кои долго време имаат висока инфлација. Сепак, кога станува збор за поглобално признаената годишна стапка на инфлација, таа достигна 289,4 отсто во април. За да го ставиме тоа во перспектива, во Обединетото Кралство во моментов годишната стапка е само 2,3 отсто.
И иако официјалните бројки за раст сè уште не се достапни за периодот откако Милеи ја презеде функцијата на 10 декември, постојат докази дека економијата на Аргентина драстично се намали, со опаѓање на потрошувачките трошоци во првите три месеци од оваа година.

АРГЕНТИНЦИТЕ ПОВЕЌЕ ГЛЕДААТ ПРЕЧКА ВО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ОТКОЛКУ ПОМОШ

Во меѓувреме, другите ветувања што Милеи ги даде додека водеше кампања, како што се замена на пезосот со американски долар и укинување на централната банка, од неодамна се во втор план. Проблемот за претседателот Милеи е што неговата коалиција Ла либертад адванца не владее со мнозинството во аргентинскиот Конгрес. И беше тешко да склучува меѓупартиски договори.
Милеи сака Конгресот да му даде овластување да приватизира повеќе од дваесетина државни компании, вклучувајќи ги државната авиокомпанија, железницата, поштенската служба и националниот снабдувач со вода. Неговиот првичен предлог-закон за „омнибус“, кој ги содржи плановите за приватизација и стотици други економски мерки, не успеа да помине второ читање во февруари. Рационализираната верзија, повторно поднесена до Конгресот во април, го расчисти Долниот дом, но допрва треба да биде одобрена од Сенатот.
Претседателот се соочува и со силно противење од синдикатите, кои излегоа на улиците во знак на протест (а во меѓувреме добија на жестокост и прераснаа во судири со полицијата н.з.), велејќи дека правата на работниците ќе страдаат од големата дерегулација на економијата.
Хуан Круз Дијаз, управен директор на аргентинската консултантска компанија за геополитички ризици „Сефидас груп“, вели дека економските политики на Милеи се радикални како и оние што беа ветени за време на кампањата, само малку задоцнети.
– Неговата администрација беше принудена да ги забави овие реформи, со оглед на политичките и социјалните блокади со кои се соочи – вели Дијаз.
Тој додава дека специфичните фактори што предизвикуваат претседателот да се однесува претпазливо се „влошувањето на куповната моќ на луѓето и стравот од зголемени социјални немири“.
Ова доаѓа бидејќи немаше никакво запирање во бројот на луѓето што живеат во сиромаштија, кој се зголеми од околу една четвртина од населението во 2017 година на повеќе од половина сега.
Сепак, ММФ, кој во текот на децениите ѝ позајмуваше повеќе пари на Аргентина отколку на која било друга земја, ѝ даде високи оценки на Владата во мај, велејќи дека нејзините перформанси биле „подобри од очекуваните“ и дека нејзината економска програма „цврсто се вратила на вистинскиот пат“.
За тоа дали претседателот Милеи може да добие повеќе политики договорени од парламентот, Дијаз вели дека иако некои сектори на опозицијата се отворени за дијалог со Владата, левичарските партии се целосно спротивставени на неговата агенда. Тие ја вклучуваат перонистичката фракција контролирана од поранешната претседателка Кристина Фернандез де Кирхнер.
– Во овој контекст, способноста на Владата да преговара и да изгради консензус се тестира секојдневно, тест што самиот Милеи често го попречува со одредени испади и непотребни конфронтирачки изјави – вели Дијаз.
Всушност, многу Аргентинци ја гледаат блескавата личност на Милеи повеќе како пречка отколку помош.
Во своето последно истражување, политичко-консултантската фирма „Зубан Кордоба“ откри дека 54 отсто од испитаниците сметаат дека претседателот посветува повеќе внимание на неговиот меѓународен политички имиџ отколку на решавањето на проблемите на Аргентина.
Таа перцепција несомнено беше засилена со актуелниот дипломатски спор на Аргентина со Шпанија, што доведе Мадрид да го отповика својот амбасадор во Буенос Аирес.
Кимберли Сперфехтер, економистка за пазари во развој во истражувачката група „Капитал економикс“, вели дека централниот проблем за претседателот Милеи е тоа што тој мора да ги надмине „годините на економско лошо управување“ во Аргентина.
– Еден клучен фактор е тоа што Владата троши многу над своите можности со децении. И тој дефицит е финансиран од Централната банка, која печати пари за да ги финансира владините трошоци – вели таа.
Ова печатење помогна да се предизвика зголемената инфлација во земјата.

НЕКОГАШ МЕЃУ НАЈБОГАТИТЕ, ДЕНЕС ЗЕМЈА ВО ОПАЃАЊЕ

Аргентина, осмата по големина земја во светот, всушност е во опаѓање повеќе од еден век. Нејзиниот пад служи како предупредувачка приказна за тоа како може да се отфрли богатството на една нација. Пред Првата светска војна, таа беше рангирана како една од 10-те најбогати земји во светот. Но последователната бавна економска контракција беше значително забрзана со популистичката политика – и прекумерното трошење – на претседателот Хуан Перон, кој беше на власт од 1946 до 1955 година.
Имаше некои краткотрајни реформи на слободниот пазар во 1990-тите под претседателот Карлос Менем, кој приватизираше многу од фирмите што Перон ги национализираше и направи сериозни обиди да ја врати вербата во аргентинската валута. Но работите тргнаа нагло на полошо на крајот на 2001 година, кога земјата претрпе катастрофален економски колапс и огромен долг од 102 милијарди долари.
Аргентина во суштина се заклучи во валутен режим што не ѝ даваше флексибилност, со фиксирање на пезосот на паритет со доларот. Тоа, заедно со вообичаеното прекумерно трошење на Владата, ја изложи на подемите и падовите на американската економија и ја остави немоќна кога во 2001 година следуваше напад на аргентинските банки.
Во двете децении по таа криза, земјата главно беше управувана од левичарски протекционисти, кои во основа се мешаа без да се справат со длабоко вкоренетите проблеми на Аргентина.
Сега, со десничарска слободарска администрација на власт, земјата се обидува да зацрта нов курс – а тоа значи да ги доведе финансиите на Владата на здрава основа. За да ѝ помогне на Владата на претседателот Милеи да го постигне ова, истражувачката компанија „Консензус економикс“ вели дека администрацијата се фокусира на огромниот земјоделски извоз на жито, соја, месо и вино од Аргентина.
– Креаторите на политиките ги полагаат своите надежи во извозот на земјоделски производи што ќе донесе многу потребна странска валута бидејќи се надеваат дека ќе ги соберат исцрпените девизни резерви на централната банка и, за возврат, ќе го зајакнат финансискиот кредибилитет на државата – велат од „Консензус економикс“.
Сепак, Сперфехтер мисли дека аргентинската економија е во „пресвртна точка“ во моментот и Милеи не може да се потпре на јавната поддршка, и покрај неговата изборна победа.
– Не е дека луѓето беа убедени во неговата политика, тоа беше повеќе протестен глас. Работите не можеа да продолжат како што беа – вели таа.
Г-ѓа Сперфехтер смета дека и покрај девалвацијата на пезосот, валутата продолжува да биде преценета, можеби и за 30 отсто. Девизниот курс сè уште се управува, наместо да биде целосно слободен да расте или да паѓа, а тоа го кочи растот и ѝ штети на конкурентноста.
– Со Аргентина, никогаш навистина не се знае, но мислам дека светлите денови завршуваат. Оптимизмот ќе избледи, а економијата ќе страда – вели Сперфехтер.