Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска оствари средба со амбасадорката на САД во земјава Ангела П. Агелер. На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, биле поздравени долгогодишните и силни билатерални односи меѓу двете држави. Било нагласена важноста од одржување и натамошно зајакнување на овие односи кои се од заеднички интерес на двете земји.
Гаши изразил благодарност за континуираната поддршка што САД ја даваат на Македонија што високо се цени во земјата. Силен столб во билатералната соработка – стои во информацијата, претставува Декларацијата за стратешко партнерство од 2008 година како и Стратешкиот дијалог меѓу двете влади од 2022 година.
Претседателот Гаши истакнал дека е многу важна улогата на Македонија и Соединетите Американски Држави во промовирање на регионалната стабилност и соработка меѓу земјите од Западниот Балкан. Во тие рамки, тој информирал дека македонското Собрание претседава со Парламентарното Собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и од 18 до 20 јуни 2024 година во Собранието ќе се одржи 11-та Пленарна сесија на Парламентарното Собрание на Процес за соработка во Југоисточна Европа што претставува уште еден знак на посветеност на земјата за продлабочување на регионалната соработка.
Тој изразил благодарност за континуираната и силна поддршка на Соединетите Американски Држави за напорите на Македонија за евроатланска и европската интеграција, како и за значајната поддршка за унапредување на политичките процеси во земјата.
Амбасадорката Агелер се заблагодарила за средбата и истакнала дека Собранието е една од најзначајните институции во земјата. Таа искажала задоволство од успешно спроведените претседателски и парламентарни избори во земјата кој биле фер, слободни и демократски.
-Таа ја реафирмираше спремноста на САД за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји како и очекувањата за продолжување на спроведување на реформите во земјата со цел добро владеење на правото, реформи во правосудскиот систем, како и борба против корупцијата и криминалот – стои во соопштението.
Двајцата соговорници, како што наведуваат од собраниската прес-служба, се согласиле дека во иднина треба поголемо внимание да се посвети на економските прашања со цел подобрување на животниот стандард на сите граѓани, подобрување на образовниот систем како и привлекување на повеќе странски инвестиции со цел државава да може да напредува на својот европски пат и да ги надмине тешките предизвици со кои се соочува.