ЏУДО – ТУРНИР ВО ВЕЛИКО ГРАДИШТЕ
Џудо-клубот Сеишин од Прилеп постигна забележителен резултат на традиционалниот меѓународен турнир, кој викендов по 10-ти пат се одржа во Велико Градиште (Србија). На турнирот, познат како „Сребрено Езеро 2024“, во конкуренција на 285 натпреварувачи од пет држави (Србија, Данска, Русија, Романија и Македонија) прилепчани настапија со пет џудисти и освоија четири медали, од кои по еден златен и бронзен и два сребрени. Со злато се закити Тамара Илиоска, сребро освоија Марко Ацески и Јана Ангелески, а бронза ѝ припадна на Теодора Илиоска. Како што информираа од клубот, одлични борби на татамите прикажал и петтиот џудист Благојче Мантароски, но не успеал да избори место на пиедесталот. Џудистите на Сеишин на турнирот во Велико Градиште ги предводеа тренерите Мартин Ристески и Киро Здравески. Г.И.