Амбасадорка Анџела Агелер присуствуваше на свечената церемонија во македонското собрание, како и на обраќањето на Гордана Силјановска-Давкова.
Амбасадорката Агелер прво ѝ ја честита победата на Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори, преку налогот на X, оценувајќи го како историски изборот на првата жена претседател на Македонија, нагласувајќи дека САД продолжуваат со поддршка на целосната евроинтеграција на нашата земја.
„Моите срдечни честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот историски избор за прва жена претседател на Северна Македонија. Честитки и за сите оние граѓани што вчера го искористија своето избирачко право на претседателските и парламентарните избори. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги поддржуваат целите за просперитет и целосна евроатлантска интеграција на оваа земја“, пишува во пораката на Агелер.
Но она што изненади позитивно поголем дел македонски граѓани беше фактот што Анџела Агелер беше присутна во салата „Борис Трајковски“, на баражот за пласман на Светското првенство и натпреварот меѓу ракометната репрезентација на Македонија и на Фарски Острови.
Амбасадорката, во друштво со Живко Мукаетов, првиот човек на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), беше со навивачки шал со натпис „Македонија“ и искрено и здушно навиваше за македонската ракометна репрезентација.
Набрзо по победата на македонската репрезентација, од Амбасадата на САД пристигна честитка до Ракометната федерација на Македонија и сениорскиот тим за пласманот на Светското првенство во 2025 година.
Познавачите и аналитичарите велат дека во дипломатијата ништо не е случајно, а секоја случајност, всушност, не е случајност. Фактот дека американската амбасадорка Анџела Агелер навиваше за македонската ракометна репрезентација, всушност, е потврда за сесрдната многуслојна поддршка што доаѓа од Вашингтон за македонската држава. Д.Ст.