Фото: ЕПА

Се трудам да ги искористам максимално моите шанси. Имав можност да одам и да навивам за Реал Мадрид и сега ќе го доживеам тоа од прва рака. Остварување на сонот е да има вакви ноќи. Моите соништа не се толку убави како она што се случи. Како напаѓач, сонувате да постигнувате голови, а ако се вакви, тогаш уште подобро, рече 34-годишниот Хоселу, кој со двата доцни гола донесе нов пресврт за Реал за пласман во финалето на ЛШ, со Борусија Д.

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Пред две години Хоселу Мато беше само уште еден навивач на Реал Мадрид, кој навиваше од трибините на „Стад де Франс“ додека шпанскиот клуб ја освојуваше рекордната 14-та европска титула, а во средата напаѓачот постигна два доцни гола за уште еден незаборавен пресврт на Реал Мадрид, за победа со 2-1 над Баерн и враќање во финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Реал Мадрид ќе игра со Борусија Дортмунд за европскиот трофеј во Лондон.
– Се трудам да ги искористам максимално моите шанси. Имав можност да одам и да навивам за Реал Мадрид и сега ќе го доживеам тоа од прва рака – рече 34-годишниот Хоселу.
Слично како на патот на Реал Мадрид до финалето во 2022 година, кога Карим Бензема и Родриго ги изненадија ривалите со доцните голови во реваншите со Пари сен Жермен, Челси и со Манчестер сити, на ред дојде скромниот Хоселу да го вреже своето име во долгата клупска листа во ЛШ, пишува АП.
– Остварување на сонот е да има вакви ноќи. Моите соништа не се толку убави како она што се случи. Како напаѓач, сонувате да постигнувате голови, а ако се вакви, тогаш уште подобро – рече тој.

Хоселу беше напаѓач што тивко направи одлична кариера, обезбедувајќи голови за тимови чија главна цел е опстанок, пишува АП. Роден во Штутгарт (Германија), Хоселу се вратил во Шпанија со своето семејство како дете. Откако ја почна кариерата во Селта, тој беше ангажиран од Реал за неговиот резервен тим пред да заигра за германските Ајнтрахт, Хофенхајм и Хановер и за англиските Стоук и Њукасл. Тој го достигна својот врв со враќањето во шпанската лига во 2019 година, постигнувајќи двоцифрен број голови во три сезони во Алавес и една во Еспањол. Тоа му донесе репрезентативно деби за Шпанија на 32-годишна возраст. И покрај тоа, неговите голови не можеа да ги спасат Алавес или Еспањол од испаѓање. И тогаш шансата затропа на вратата. Откако Еспањол испадна, Реал М. го зеде на заем за една сезона. Клубот од Мадрид сигурно видел дека докажаната способност на Хоселу да постигнува голови, да освојува високи топки, да постигнува гол со еден допир и удари со глава може да го пополни тимот на брзи играчи, вешти дриблери и додавачи, пишува АП. Моментот на Хоселу дојде кога голманот Мануел Ноер ја одби топката по ударот на Винисиус, а Хоселу знаеше дека мора да биде блиску за секој случај и топката дојде во него за лесно израмнување во 88. минута.

– Напаѓачот секогаш мора да биде активен во областа, подготвен за одбиена топка. Кога го видов одбивањето на топката, знаев дека сѐ може да се случи и бев подготвен да ја искористам таа можност – рече Хоселу, кој малку подоцна го дочека центаршутот од централниот дефанзивец Антонио Рудигер за победнички гол во првата минута од судиското продолжение.
Хоселу ги надмина очекувањата во Мадрид со неговите 17 гола во сите натпреварувања во ограничени минути, пишува АП.
– Тој е одраз на тимот затоа што придонесе многу сезонава. Тој немаше многу време за игра, но е совршен одраз на она што го прави овој тим. Тој ни даде толку многу, без да изгуби самодоверба во она за што е способен – рече тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, за Хоселу. Н.М.