Денеска (5 мај) е Денот на македонскиот јазик. Азбуката е создадена на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“.

Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ. Фотографиите се од објавата во „Нова Македонија“ на 5.5.1945 година.

 

Сè додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни, стои меѓу другото во пораката од претседателот на Стево Пендаровски по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.

– Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на македонскиот јазик низ вековите конечно добива своја рамка и се формализира. Од првите црковнословенски ракописи од 10 век, преку јасно пројавената свест за неговата посебност во деветнаесеттиот век, што кулминира со делото на Мисирков, па понатаму преку Рацин до Конески, Кепески, Лапе…, сè до ден-денешен, македонскиот јазик се развива и се збогатува зацврстувајќи ја својата позиција во светското семејство на јазиците – се наведува во пораката.

Македонскиот јазик како официјален јазик во нашата татковина, се посочува, го зборуваат нашите граѓани, многубројните Македонци во дијаспората, но и многу вљубеници и почитувачи слависти-македонисти низ целиот свет.

– Сè додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни. Сè додека се живи говорителите ќе биде жив и јазикот, и сè додека е жив македонскиот јазик ќе постои и нашиот македонски идентитет. Затоа да го чуваме и да го негуваме, и секогаш да ги ползуваме најблагите и најубавите зборови изразувајќи си почит, внимание и љубов – стои во пораката од претседателот по повод Денот на македонскиот јазик.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, упати честитка до граѓаните по повод денешниот ден, 5 мај, Ден на македонскиот јазик.

Како што соопшти СДСМ, во честитката, Ковачевски посочува дека денеска оддаваме почит кон создавачите на македонскиот литературен јазик и ја продолжуваме мисијата за негова афирмација и заштита.

– Денеска кога го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, оддаваме должна почит кон сите создавачи на македонскиот литературен јазик и ја продолжуваме мисијата за негова афирмација и заштита – се наведува во честитката од Ковачевски.

Македонскиот јазик, подвлекува претседателот на СДСМ, денес е дел од нашата лична карта во Обединетите нации, а со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС на чист македонски јазик, го издигнавме на исто рамниште со останатите официјални јазици во Европската Унија, на кабините за превод во ЕУ стои нашиот македонски јазик.

– Македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет, грижата за негово зачувување и унапредување останува наш приоритет, затоа што влог во јазикот е влог во иднината. Нека ни е честит 5 мај, Денот на македонскиот јазик – вели во честитката Ковачевски.