Бугарија генерално го почитува правото на слобода на здружување предвидено со закон, но и натаму одбива да ги регистрира активистичките групи на етничките Македонци, се наведува во извештајот за човекови права на американскиот Стејт департмент. Повеќе македонски друштва кои бугарските власти и натаму не ги признаваат се споменати во извештајот, и покрај бројните пресуди од Европскиот суд за човекови права против Бугарија.
– Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите – се наведува во извештајот.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд, нотира извештајот.