Фото: РФМ

Двете најдобри репрезентации од секоја од осумте групи ќе продолжат во следната фаза

РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА ЗА СП 2024 ЗА МЛАДИНКИ ВО СКОПЈЕ

Женските репрезентации на Ангола, Исланд и на САД се ривалите на Македонија во првата фаза на 24. Светскo првенство (СП) за ракометарки до 20 години, кое треба да се игра во салите на СЦ „Јане Сандански“ и на СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје, од 19 до 30 јуни годинава, во конкуренција на 32 селекции. Македонија како домаќин на овој младински Мундијал, која ќе ја предводи селекторот Дарко Јанев, имаше привилегија да ја одбере групата во која ќе игра на СП.
Станува збор за противници по мера, со кои црвено-жолтите ќе имаат голема шанса пред својата публика. Двете најдобри репрезентации од секоја од осумте групи ќе продолжат во следната фаза, а селекциите што ќе завршат на третото и на четвртото место ќе играат во „Президент купот“.
Извлекувањето на групите беше спроведено онлајн, преку јутјуб-каналот на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ).
Изминатава недела, која беше и недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ), заеднички собир и тренинзи во СЦ „Борис Трајковски“ одржа токму младинската репрезентација на Македонија, во која присуствуваа 19 ракометарки под раководство на селекторот Јанев.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) пред две години го организираше и СП за кадетки, а сега тие девојки, но постари две години, повторно ќе играат на едно СП во Скопје. Г.И.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ НА СП 2024

А Романија, Холандија, Бразил, Иран
Б Швајцарија, Египет, Тунис, Чиле
Ц Унгарија, Ј. Кореја, Аргентина, Мексико
Д Данска, Норвешка, Јапонија, Кинески Тајпеј
Е Шведска, Чешка, Кина, Алжир
Ф Франција, Германија, Шпанија, вајлд-карта
Г Португалија, Црна Гора, Гвинеја, Узбекистан
Х Ангола, Македонија, Исланд, САД