Сојузот на синдикати на Македонија денеска пред Врховниот суд во Скопје ќе одржи протест изразувајќи незадоволство од одлуката што судот ја донесе за одземање на Работничкиот дом.
Протестот ќе почне пред зградата на ССМ, а ќе заврши пред Врховниот суд.
Врховниот суд на 9 ноември лани донесе пресуда со која Работничкиот дом му се одзема на ССМ по што раководството на ССМ побара оставка од судиите што ја донесоа одлуката и поднесе предлог за нивно разрешување до Судскиот совет.
ССМ има испратено барање и до Уставниот суд бидејќи Врховниот суд не ја почитувал одлуката на Уставниот суд донесена во 1992 година во која се кажува дека државата нема право да одзема имот на синдикатите.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во четвртокот на прес-конференција рече дека протестот се организира со цел да им се покаже на судиите дека треба да се одважат и побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците бидејќи ССМ пред еден месец доставил предлог за повторување на постапката врз основа на новите докази до Основниот граѓански суд Скопје.
– На државата не и треба уште една зграда, и требаат работници и синдикати – рече Трендафилов на прес-конференцијата.