Фото: China daily

Дипломатските сигнали што треба да се пуштат може да вклучуваат, на пример, промени во реториката, назначување специјални пратеници за преговори, прифаќање на некоја од досегашните конкретни миротворни платформи, ограничувања на разорните напади, размена на воени заробеници…

Секоја војна завршува со преговори. Ниту актуелната војна во Украина нема да биде исклучок. Иницијативи има од повеќе релевантни чинители на глобалните меѓународни односи, меѓу кои предничи Кина со свои конкретни предлози. Но тука се и директно засегнатите страни во воениот судир, кои конечно треба да во континуитет праќаат препознатливи сигнали во јавноста за ставање крај на војната и почеток на мировни преговори, бидејќи „ад хок“ срамежливи сигнали стартуваа…
Имено, руската страна преку претседателот на Русија во неодамнешното интервју со американскиот новинар Такер Карлсон децидно рече: „Ние сме подготвени да преговараме“. Од друга страна, веднаш се огласи портпаролот на Советот за национална безбедност на САД и изјави дека „и ние и претседателот Зеленски многупати кажавме дека веруваме оти оваа војна ќе заврши преку преговори“.

Кои се слабите точки дека брзо би започнале мировните преговори?

Колку и да изгледа реална перспективата дека ќе дојде до евентуални преговори, нема конкретни и опипливи знаци дека во скоро време ќе почнат преговори. Двете страни засега немаат прифатено предлог-платформа за од неа да се развива прифатлив договор; секој се плаши дека другиот нема да направи компромис или дека ќе користи каква било пауза за да се одмори и да се врати во следната рунда борби.
Според реномираниот „Форин аферс“, „среде војна тешко е да се знае дали противникот е вистински подготвен да ги прекине борбите или цинично да разговара за мир само за да ги унапреди целите на војната. Предизвикот да се согледаат намерите на противникот е речиси невозможен во отсуство на дијалог. Затоа, неопходно е да се отворат канали за комуникација за да се биде во позиција да се искористи можноста да се стреми кон мир кога ќе дојде таа можност“.
За Киев и западните партнери, според споменатиот медиум, тоа значи „зборувањето за разговор“ (воспоставување канал на комуникација и продлабочување во насока на преговори) да биде клучна тема на билатералните и мултилатералните интеракции. Во врска со овој став, медиумот дополнува и дека „сите страни треба да сигнализираат дека се отворени за евентуални преговори. Тоа ќе бара од завојуваните страни и нивните сојузници да преземат еднострани чекори што ќе ги пренесат нивните намери на другата страна“. Според објаснувањето на медиумот што практично би значело тоа, во анализата се толкува дека „таквите сигнали може да вклучуваат промени во реториката, назначување специјални пратеници за преговори, самонаметнати ограничувања на разорните напади и размена на воени заробеници“!
Во спротивно, „ако ниту една страна не го започне овој процес, завојуваните страни најверојатно ќе останат заглавени таму каде што се денес – жестоко борејќи се за неколку сантиметри територија, по ужасна цена за човечкиот живот и регионалната стабилност во годините што доаѓаат“.

Страните треба да почнат да разговараат и покрај нивната меѓусебна
недоверба!

Заемната недоверба го отежнува преземањето на првиот чекор кон преговарачката маса. Но, меѓусебната недоверба меѓу завојуваните страни е карактеристика на секоја војна, а со тоа и на секое преговарање што треба да ѝ стави крај на која било војна. Дури, смешно е да се констатира дека „ако довербата беше предуслов за комуникација, завојуваните никогаш немаше да почнат да војуваат“.
Но сепак, над сѐ, страните треба да почнат да разговараат, и покрај нивната меѓусебна недоверба!
Уште една крупна слабост на патот кон воспоставување квалитетни разговори во насока на мировни преговори е „сомнежот во т.н. максималистички намери на другата страна“.
Примерите од таквите сомнежи искажани во јавноста од страна на инволвираните страни се многубројни. На пример, Киев верува дека Москва ќе го искористи секој одмор во борбите за да собере сила пред да ја продолжи битката со нови, свежи сили и техника и на таков начин ќе продре многу длабоко на запад. Од друга страна, Кремљ смета дека Западот има намера да ја искористи Украина како инструмент за да обезбеди „стратегиски пораз“ на Русија.
Таквите истакнувања на „сомнежи за максималистички аспирации“ не им оставаат голем избор на засегнатите страни, стеснувајќи им го начинот на размислување кон „избор помеѓу капитулација и продолжување на борбата“. Како резултат на тоа, и двете страни изгледаат резигнирано за неизбежноста од долга, огромно деструктивна војна, која и двете тврдат дека не ја сакаат.
Точно дека теоретски е можно „секоја страна да е во право за максималистичките цели на другата. Но ниту една страна не може да знае сигурно без да разговара за тоа. Во отсуство на канал за комуникација, секој предлог за вистинските намери на другата страна е непроверен“.
Ете, тоа е уште еден аргумент за неопходноста од отварање канал на комуникација!

Прв чекор: Внатрешна согласност на Западот за почеток на мировните преговори

За сојузниците на Киев, воведниот гамбит е да почнат да зборуваат за разговор помеѓу себе.
Според ставот во анализа на „Форин аферс“, на некои од западните земји, во врска со ова „ќе им треба уверување, а други, пак, се веќе убедени и едноставно им треба знак дека дипломатијата треба енергично да ја почне својата мисија“! На пример, американските функционери постојано велат дека „очекуваат војната да заврши со договорено решение. Но, тие не им соопштуваат на другите сојузници што значи тоа во пракса или експлицитно ја ориентираат стратегијата за завршување на војната околу исходот од преговорите“.
Според споменатиот медиум, дискусијата за дипломатско решение треба да започне на состаноците на Северноатлантскиот совет и Г7, како и билатералните ангажмани меѓу сојузниците на највисоко ниво. Заговарањето за пре говори не повлекува никакви промени во политиката на краток рок. Треба да се потрошат време и напор за развој на дипломатска стратегија долго пред да започнат преговорите.
Второ, паралелно со дискусијата меѓу сојузниците, прашањето треба да се стави на маса во ангажманите меѓу сојузниците и Украина. Киев оправдано се грижи дека чекорот кон преговори ќе значи крај на воената помош.
САД и нивните сојузници можат да започнат со барање на ставовите на Украина за темите на комуникација со другата страна за време на борбите и природата на крајот на војната. Во моментов тие прашања не се на дневен ред. Откако украинските власти ќе почнат да ги слушаат истите прашања што ги поставуваат повеќе соговорници на повеќе нивоа, тие ќе се вклучат во внатрешни дискусии за да ги идентификуваат нивните преференции и пристап кон дипломатско решение на зелена маса.

Кога формалните канали за комуникација се затворени, обични дипломатски сигнали се доволни за почеток

Сигнали за да ја пренесе својата намера дека сѐ почнало да се придвижува во насока на преговарачки крај на војната, за почеток, би биле повеќе од доволни, од страна на инволвираните во конфликтот, за да се покаже добра волја за прекинување на судирот.
Сигналите се еднострани дејства, како што се воени распоредувања, јавни изјави, дипломатски гестови итн., за да се пренесат намерите на државата. Таквите сигнали се особено корисни кога формалните канали за комуникација се затворени, бидејќи тие не бараат директна интеракција со другата страна за да се извршат. Имено, овие дејства се реверзибилни; поентата е веродостојно да се покаже намера и да се обезбеди простор за другата страна да возврати. Кога сигналите функционираат, тие можат да ја намалат неизвесноста за вистинските намери на другата страна.
На пример, според западните аналитичари, „приспособувањето на реторичкиот акцент на западните официјални лица во јавните изјави би било скромен, но важен сигнал. На пример, официјалните лица би можеле да ја повторат својата отвореност за условно олеснување на санкциите како дел од преговарачкиот исход на војната“. Тие додаваат и дека „САД и Европската Унија треба да размислат за назначување специјални претставници. И покрај тоа што овие функционери ќе поминат месеци во ангажман со сојузниците и Киев пред воопшто да се разгледаат разговорите со Москва, самите назначувања ќе ѝ сигнализираат на Русија дека САД и Европа се подготвени да се вклучат во евентуални преговори“.
А какви сигнали би требало да пратат директно завојуваните страни?
Имено, според „Форин аферс“, Киев и Москва имаат повеќе можности за „сигнализација“. Москва, особено, треба да најде начини да сигнализира; Русија треба да покаже дека нејзините воени цели се ограничени, дека е подготвена да преговара за завршување на војната и дека ќе даде уверување дека ќе се придржува кон условите за решение. Покрај назначувањето дипломатско лице, кое ќе им служи како пандан на новите претставници на САД и ЕУ, Москва би можела да ги прекине напредувањата, да укаже на подготвеност за размена на воени заробеници итн.
Киев, пак, би можел да го ублажи претседателскиот декрет од септември 2022 година, со кој се утврди „неможноста да се водат преговори со претседателот на Руската Федерација, В. Путин“. Киев може да појасни дека декретот се однесува само на рускиот претседател, а не и на другите претставници на руската влада. И ако Москва престане да напаѓа невоени цели во Украина, Киев би можел да возврати со прекин на нападите што ги врши во Русија.
Овие предложени напори – обиди за разговор меѓу сите, но и со Киев, и сигнализирање на Москва – не би претставувале промена во политиката. Тие дури и не претставуваат потег за почеток на преговори. Наместо тоа, тие само би го започнале она што веројатно ќе биде долг процес на придвижување кон евентуални разговори. Да се дојде до зелената маса нема да биде лесно, но алтернативата е бескрајна разорна војна, која ниту една страна не тврди дека ја сака, а и двете страни ја губат продолжувајќи да се борат. П.Р./ Р.С.