Македонската држава и нејзините институции имаат уставна обврска да се грижат за дијаспората и за малцинствата. Во македонскиот устав, поточно во членот 49, се вели дека републиката се грижи за дијаспората и ги негува и унапредува врските со татковината, како и дека ги штити, ги гарантира и ги негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Доколку се земе предвид дека македонските малцинства од околните држави се составен дел на македонскиот народ, тогаш државата мора да има институционален пристап кон македонските малцинства, бидејќи македонските малцинства се нераскинливо ткиво и имаат исти особености, историско и културно наследство со македонскиот народ што живее во македонската држава
Потсетување на членот 49 од Уставот: „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија…“
Македонија е типична иселеничка земја, а емигрирањето на припадниците на македонскиот народ отсекогаш било условено од потрагата по подобра работа или подобри економски можности, студирање или заеднички живот со семејствата. Македонците исто така емигрирале и поради воени конфликти, прогон или кршење на човековите права од големи размери, нешто што е карактеристично за крајот на 19 век, како и за интервалот помеѓу двете светски војни, но и втората половина на 40-тите години на 20 век, како што е случајот со децата бегалци од Грчката граѓанска војна. Денес, поради наведените причини, постои многубројна македонска дијаспора во прекуокеанските земји и во Европа.
Точната бројка на македонската дијаспора не може точно да се определи, а во зависност од изворите, бројките се движат од околу 500.000 Македонци што живеат во Австралија, Канада, САД, Европската Унија и во други држави. Неколку аналитичари и историчари посочуваат дека и споменатите бројки се релативни, затоа што во нив не влегуваат и припадниците на македонските малцинства од соседните држави, кои поради одредени историски околности живеат во Бугарија, Грција, Албанија, Србија или во Турција. Доколку македонските малцинства се додадат кон дијаспората, тогаш вкупниот број на припадници на македонскиот народ што живеат надвор од границите на македонската држава изнесува повеќе од 1.000.000 Македонци и Македонки, велат нашите соговорници.
Светски и европски пракси
Во текот на последните неколку децении, повеќе реномирани истражувања потврдуваат дека државите низ светот, како и членките на Европската Унија, спонзорираат одредени политики и други механизми што се во насока на поврзување на матичната држава и дијаспората. Повеќе примери покажуваат дека голем број држави имаат воспоставени политики, кои се институционално насочувани во правец на ангажирање на дијаспората и искористување на ресурсите на дијаспората за максимизирање на економските, политичките и културните интереси. Истражувањата исто така потврдуваат дека дијаспората има сопствена култура што е различна од културата на земјата во која дијаспората се наоѓа, а честопати постојат силни врски, од културен или економски аспект, помеѓу дијаспората и земјата од која потекнуваат, врски што честопати се негуваат и развиваат од матичните држави, со цел да се зачува заедничката култура на дијаспората и матичната држава. Во овој контекст може да се одвојат врските помеѓу еврејската, ерменската, грчката, ирската и италијанската дијаспора со матичните држави.
Најголемиот дел од членките на Европската Унија ја признаваат културата на дијаспората, а ова е видливо и во повеќето одлуки на Советот на Европа, најстарата европска меѓународна политичка организација. Земјите членки на Советот на Европа досега неколкупати се согласија дека културите на дијаспората претставуваат вредни мрежи за интелектуална, културна и образовна размена низ Европа и остатокот од светот. Тие се клучен фактор во промовирањето на културната различност, меѓукултурното разбирање и толеранцијата. Исто така, досега Советот на Европа укажа и дека заедниците на дијаспората можат да имаат корист и за земјите на потекло и за земјите на населување.
Постојат и одредени препораки од европските институции препораки што се во насока на препознавање на постоењето на културите на дијаспората како составен дел на современата европска култура, подобрување на културните односи меѓу заедниците на дијаспората, искористување на можностите за дополнителна размена, на пример, користење дипломатски структури (амбасади, конзулати), локална самоуправа и инфраструктура на јавниот сектор и ефективно користење на приватниот сектор итн. Европската пракса исто така покажува дека правата на малцинствата не се привилегии, туку дејствуваат во насока на обезбедување еднакво почитување на припадниците на различните заедници.
Кратко и за економската бенефиција
Неколку наши соговорници посочуваат дека дијаспората треба да се врати назад во Македонија, а нејзиното враќање треба да биде поттикнато од одредени државни политики и активности. Најпрво треба да се осмислат точно утврдени чекори во таа насока, како и дополнителни поволности за дијаспората, особено за нејзиното инвестирање во Македонија. Досега неколкумина повратници од Канада, САД или од Австралија инвестираа во македонската економија, а тоа беше поздравено од државните институции и од неколку организации на македонската дијаспора. Но исто така беше посочено и дека е потребен униформен функционален систем на работење и меѓуинституционална соработка во интерес на дијаспората, како и за малцинствата, а во овој контекст се и повеќето барања за министерство или агенција за дијаспора и малцинствата од соседните држави.
– Досега на овој план малку е сторено, а доколку сакаме македонската дијаспора да инвестира во малите или во големите бизниси, потребен е институционален пристап, а решението можеме да го бараме и во одделно министерство или агенција за дијаспора – вели Сотир Костов.
Министерството или агенцијата за дијаспора, во координација со државните институции, може да создаде поволна бизнис-клима и позитивна даночната политика, но и да ги продлабочи културните врски помеѓу дијаспората и македонската држава, велат нашите соговорници. Во однос на културните врски, но и можностите на инвестирање во Македонија, Мустафа Кемал Узункаја од Здружението на македонските иселеници – ЕГЕ вели дека многу македонски иселеници во Република Турција сакаат да се вратат во Македонија и настојуваат да се стекнат со одреден имот или да инвестираат, но се соочуваат со одредени пречки.
– Сметам дека најдоброто решение за оваа пречка е доделување македонско државјанство за врановчани и нивните потомци. Неколку од нас имаат поднесено барање за државјанство, но постапката е бавна. Доколку ни се овозможат македонски државјанства, ќе се олесни остварувањето на желбата на врановчани да се вратат во родниот крај, но и ќе се олесни начинот за инвестирање во Македонија – вели Мустафа Кемал Узункаја.
Досега поради недостиг од политики и други механизми што се во насока на поврзување на Македонија како матичната држава со дијаспората и малцинствата во соседните држави, активностите се одвиваат на индивидуална основа, како што се дејностите на Раде Силјан, Лилјана Поповска или Тодор Петров или соработката помеѓу организациите и друштвата на македонската дијаспора и македонските малцинства, без никакво учество или координација на македонската држава.
Повеќемина аналитичари и познавачи на состојбите од Македонија и соседните држави укажуваат дека е потребно институционално решение што ќе биде во насока на системско работење и координирање преку министерство или агенција за дијаспората и македонските малцинства. Во однос на оваа проблематика, Душан Јаневски, претставник на Светскиот македонски конгрес во Србија, вели „и ние од околните земји сме иселеници (дијаспора)“.
– Ние не сме во иста положба со македонската дијаспора што живее во прекуокеанските држави, која е финансиски независна. Ние ги немаме истите можности како и македонската дијаспора. Осудени сме на асимилација. Кај сите етноси се исти проблемите, сепак само Македонија не се грижи за своја дијаспора од околните земји. Сите други земји целосно ги финансираат свои малцински заедници и со тоа го фаворизираат својот етнос – вели Јаневски.
Неколку соговорници исто така посочуваат дека Македонија како држава има и уставна обврска да се грижи за дијаспората и малцинствата. Во македонскиот устав, поточно во членот 49 се вели дека републиката се грижи за дијаспората и ги негува и унапредува врските со татковината, како и дека ги штити, ги гарантира и ги негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ“. Доколку се земе предвид дека македонските малцинства од околните држави се составен дел на македонскиот народ, тогаш државата мора да има институционален пристап кон македонските малцинства, бидејќи македонските малцинства имаат исти особености, историско и културно наследство со македонскиот народ што живее во македонската држава, велат нашите соговорници. Македонските малцинства се во ранлива ситуација и затоа Македонија како матична држава треба да преземе одредени дејства што ќе бидат во насока на заштита на македонските малцински права од дискриминација, асимилација, гонење, непријателство или насилство, впрочем тоа е и во согласност со вредностите на Европската Унија, велат нашите соговорници. Д.Ст.