Финалето на ЛШ треба да биде нашиот Супербоул. Тоа не беше затоа што еден од најдобрите играчи во светот, Де Брујне, беше надвор од теренот во 30-та минута, Холанд беше исцрпен, а Родри, кој е врвен спортист, рече по 60 минути дека има грчеви. Дојдовме до фаза кога не станува збор само за здравјето на играчот туку за тоа дека му наштетуваме на производот, рече Махета Моланго, директор на Здружението на професионални фудбалери во Англија
Пренатрупаниот распоред во фудбалот не само што е ризик по здравјето на играчите туку и му „наштетува на производот“, вели извршниот директор на Здружението на професионални фудбалери во Англија (ПФА), Махета Моланго, пренесе „Би-би-си“. Тој додаде дека повреден играч „сигурно не е она што сакаме да го видиме“, како Кевин де Брујне, на најголемиот натпревар во клупскиот фудбал. Манчестер сити го загуби Де Брујне поради повреда на тетивата во почетокот на финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) лани, пред да победи со 1-0 на дуелот со Интер во нивниот 61. меч во таа сезона.
– Финалето на ЛШ треба да биде нашиот Супербоул. Тоа не беше затоа што еден од најдобрите играчи во светот, Де Брујне, беше надвор од теренот во 30-та минута, Ерлинг Холанд беше исцрпен, а Родри, кој е врвен спортист, рече по 60 минути дека има грчеви. Дојдовме до фаза кога не станува збор само за здравјето на играчот туку за тоа дека му наштетуваме на производот – рече Моланго на самитот за фудбал на „Фајненшл тајмс“, пренесе „Би-би-си“.
Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, зборуваше за неговата фрустрација поради недостигот од време за одмор за неговите играчи, а тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, рече дека на неговиот тим му треба „чудо“ за да остане конкурентен до крајот на сезоната поради зголемениот број повредени фудбалери, пишува „Би-би-си“. По три месеци сезонава, аналитичарот на податоци Бен Динери, основач на „Премиер повреди“, рече дека има зголемување за 15 отсто на бројот на повредени во споредба со претходните сезони, но и дека споредбите од сезона на сезона се тешки.
Во почетокот на сезонава имаше дебата за мечевите што често траат повеќе од 100 минути и влијанието на тоа врз благосостојбата на играчите, во следната сезона во групната фаза од ЛШ и на Лигата на Европа ќе учествуваат по 36 клуба и ќе има осум наместо шест меча во тој дел од сезоната, 12 европски клуба ќе учествуваат на Светското клупско првенство в година…, пишува „Би-би-си“. Моланго рече дека огромниот договор за медиумските права на НФЛ (американски фудбал) во САД може да послужи како пример за фудбалските администратори, дека зголемувањето на бројот на натпревари не е секогаш најдобриот начин за генерирање богатство, откако НФЛ, која има 17 меча во регуларниот дел од сезоната, го договори најпрофитабилниот пакет ТВ-права во спортот во 2021 година, 11-годишен договор со домашните радиодифузери во вредност од 113 милијарди долари, пишува „Би-би-си“. Н.М.