Повеќе од четири години во Собранието на Грција не е направена ратификација на трите меморандуми за соработка меѓу Македонија и Грција, во рамките на Договорот од Преспа. Всушност, ратификацијата во Собранието претставува формалноправно прифаќање и признавање на одреден меѓународен договор, конвенција и сл. Со оглед на тоа што Атина сѐ уште не ги ратификувала трите меморандуми во врска со Договорот од Нивици, тоа значи дека таа сѐ уште ниту го прифатила ниту го признала Преспанскиот договор. Во еден таков контекст, деновиве во грчкиот парламент, пратеничката група на СИРИЗА ја прозва грчката влада за неисполнувањето на обврските од Преспанскиот договор
Грчкиот парламент сѐ уште не ги ратификувал трите меморандуми од Преспанскиот договор со Македонија
Пратеничката на СИРИЗА, Рена Дуру, ја прозва грчката влада за неисполнувањето на обврските од Преспанскиот договор и отворено праша дали владата на Мицотакис има намера да ги ратификува меморандумите за соработка со Македонија.
Партијата СИРИЗА, која, да потсетиме, во 2018 година како владејачка во Грција го потпиша Преспанскиот договор со владата на Зоран Заев, го праша одговорниот грчки министер Јоргос Герапетритис кога трите меморандуми за соработка со Македонија ќе бидат доставени до соодветната комисија на парламентот, а потоа и на пленумот за ратификација, како што Грција е обврзана со Договорот од Преспа, и побара објаснување за тоа какви активности ќе преземе грчката влада за тоа?
– Повеќе од четири години, под единствена одговорност на владата на Мицотакис, се чека на ратификација од Собранието на трите меморандуми за соработка меѓу нашата земја и Северна Македонија, во рамките на историскиот Договор од Преспа. Истовремено, Владата не го контролира и не следи спроведувањето на Договорот од Преспа како што треба – рече пратеничката на СИРИЗА, Рена Дуру.
Но пратеничката на СИРИЗА, Рена Дуру, истакна уште нешто што треба да ги замисли властите во Македонија.
– Меѓу другото, нема обезбедено промена на учебниците во Северна Македонија како што е договорено на билатерално ниво од јуни 2019 година, но и почитување на распоредот за промена на патните исправи и табличките на автомобилите до 12 февруари 2024 година. Резултатот од сето ова, во комбинација со несвикување, четири години, на Врховниот совет за соработка (како што е предвидено со Договорот од Преспа) и неуспехот да се склучат нови билатерални договори, остава простор за непочитување на договорот и поткопување на одбранбената, дипломатската и економската соработка со Северна Македонија, со што се зголемува просторот за зајакнување на улогата на третите сили на нашите северни граници – истакна пратеничката на СИРИЗА, Рена Дуру.
Македонија не ги почитувала одредбите на Договорот од Преспа?!
Пред две недели, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис даде изјава и за трите меморандуми со Македонија, кои грчката влада сè уште не ги достави за ратификација во грчкиот парламент, нагласувајќи дека тие „апсолутно зависат од верното и строго почитување на одредбите на Договорот од Преспа“.
Меѓу обврските од Преспанскиот договор на грчката страна е и промената на патните табли што водат кон земјава, каде што сѐ уште стои референцата БЈРМ или Скопје, иако според членот 14 став 5 од договорот, страните се обврзани да се придржуваат кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, телекoмуникациите, знаците и кодовите, а Владата се правдаше дека тоа било обврска на локалните грчки власти.
Герапетритис во таа пригода беше дециден дека нема можност за измена на Преспанскиот договор со цел пролонгирање на рокот на важење на македонските патни исправи по 12 февруари.
Подготвил: Марјан Велевски