Фото: ЕПА

Олимпискиот шампион Франција ќе се сретне со европскиот првак Шведска в петок во полуфиналето, а светскиот првак Данска ќе игра со второпласираната селекција во групата 1 (Германија, Унгарија или Австрија). Франција и Шведска играа меѓу себе во полуфинале и на СП 2021, ЕП 2022 и на СП 2023

РАКОМЕТ – 16. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Домаќинот Германија е на чекор до полуфиналето на Европското првенство (ЕП) за ракометари по победата над Унгарија (35-28), Франција со триумфот над Австрија (33-28) обезбеди место меѓу четирите најдобри, а Исланд во меч за престиж ја победи Хрватска (35-30), во претпоследното коло на главната група еден.
Актуелниот олимписки шампион Франција ќе се сретне со актуелниот европски првак Шведска в петок во полуфиналето, а светскиот шампион Данска ќе игра со второпласираната селекција во групата 1 (Германија, Унгарија или Австрија). Франција и Шведска меѓу себе ќе играат во полуфинале четврти пат по ред, откако во меч за пласман во финале играа и на светските првенства (СП) во 2021 и во 2023 година, како и на ЕП 2022. Во таа фаза на натпреварување тие се сретнаа и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1992 година, како и во финалето на ЛОИ 2012.
Франција ја продолжи серијата без пораз на ЕП 2024 на шест меча (пет победи и едно реми), иако губеше со еден гол разлика по првото полувреме на дуелот со Австрија. За „триколорите“ ова е осмо полуфинале, а трето во претходните четири континентални шампионати. За Французите ова беше 70-та победа на ЕП, а под водство на селекторот Гијом Жил станаа само втора селекција што стигнала до таа бројка, по Шпанија. Франција е и првата репрезентација на ЕП 2024 што постигна повеќе од 200 гола (засега 204), осум повеќе од Данска, а девет од Шведска, и истовремено ја прекина најдолгата серија на Австрија без пораз на европските првенства (пет натпревари).
Десниот бек Никола Карабатиќ, пак, го подобри рекордот во негова сопственост за голови на континенталните првенства, на 295, а десниот бек Дика Мем (седум гола, колку што имаше и Лудовик Фабрегас) ја проби бариерата од 100 погодоци на овие шампионати.
– Имаше мала тензија во почетокот на натпреварот, не одигравме премногу добро, особено во одбраната. Работите се подобрија во вториот дел, особено во последниот дел кога ја презедовме предноста. Можеби селекцијата на Австрија беше малку уморна, иако вечерва повторно одигра добро – рече пикерот Фабрегас, кој беше прогласен и за играч на натпреварот.
Германија сега е втора во групата со пет бода, еден повеќе од Унгарија и од Австрија, и ѝ треба победа денеска на дуелот со Хрватска за да се врати во полуфинале на ЕП првпат од 2016 година. На досегашните европски првенства шест пати се случи домаќинот на шампионатот да се пласира во полуфиналето.
– Унгарија беше пред нас пред мечот и тоа го покажува нејзиниот квалитет. Првото полувреме не беше толку добро за нас, направивме многу грешки на двете страни од теренот. Второто полувреме беше многу подобро, бевме повеќе заедно, како тим, особено во одбраната. Тоа многу ни помогна – изјави левиот германски бек Јулијан Костнер, кој беше и најефикасен на мечот, со осум гола.
Во главната група два вчера играа Холандија – Португалија, Словенија – Данска и Норвешка – Шведска. Селекциите на Данска и на Шведска претходно обезбедија пласман во полуфиналето. Г.И.


Во тек се и трките за пласман на ЛОИ 2024 и на СП 2025

Финалистите на годинашното Европско првенство (ЕП) за ракометари во Германија ќе се пласираат на Светското првенство (СП) в година, а новиот континентален првак и на годинашните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз.
Од полуфиналистите на ЕП 2024, репрезентациите на Франција (како домаќин) и на Данска (како светски првак) од претходно се пласираа на ЛОИ 2024, па ако некоја од нив ја освои титулата на ЕП 2024 (сега се во полуфиналето) на ЛОИ годинава ќе настапи Шведска или четвртиот полуфиналист (Германија, Унгарија или Австрија).
Од четирите најдобри на ЕП 2024, селекцијата на Данска се пласира на СП 2025 како еден од домаќините (заедно со Норвешка и со Хрватска), Франција како финалист на СП 2023, Шведска како полуфиналист на ЕП 2024, а четвртиот полуфиналист од годинашното континентално првенство (Германија, Унгарија или Австрија), исто така, ќе обезбеди настап на Мундијалот в година.


ЕХФ
Македонија во првиот барабан за ждрепката за баражите за СП

Можни ривали се Грузија, Србија, Фарски Острови, Швајцарија, Романија, Грција, БиХ и победниците на првиот бараж, Белгија или Италија, Естонија или Украина, Финска или Литванија и Словачка или Израел

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги потврди барабаните за баражот за пласман на Светското првенство (СП) в година во Хрватска, Данска и во Норвешка, а Македонија пред ждрепката ќе биде сместена во првиот барабан за вториот бараж-двомеч. Вкупно ќе има 11 двојки, од кои подобрите ќе се пласираат на СП 2025. Мечевите од првиот бараж ќе се играат во март, додека оние од вториот бараж, каде што се и црвено-жолтите, во мај. Ждрепката треба да биде влечена в сабота.
ЕХФ истовремено објави дека Франција како домаќин и светскиот шампион Данска директно се пласираа за Летните олимписки игри во Париз годинава, според пласманот на минатото СП сигурни места во олимписките квалификации обезбедиле Шпанија, Шведска, Германија, Норвешка и Унгарија, а остануваат уште две места за најдобрите од ЕП 2024 во Германија.
БАРАБАН 1: Македонија, Шпанија, Црна Гора, Полска, Чешка, и шест селекции од 3-12 место на ЕП 2024, а кои досега не обезбедиле настап за СП.
БАРАБАН 2: Грузија, Србија, Фарски Острови, Швајцарија, Романија, Грција, БиХ, и победниците на првиот бараж, Белгија или Италија, Естонија или Украина, Финска или Литванија и Словачка или Израел.


ВТОРА ГРУПНА ФАЗА

ГРУПА 1
Хрватска – Исланд 30-35
Франција – Австрија 33-28
Германија – Унгарија 35-28
ТАБЕЛА
Франција 4 4 0 0 139-122 8
Германија 4 2 1 1 113-107 5
Унгарија 4 2 0 2 119-116 4
Австрија 4 1 2 1 108-112 4
Исланд 4 1 0 3 116-128 2
Хрватска 4 0 1 3 116-126 1
Идно коло, денеска: Австрија – Исланд (15.30 ч.), Франција – Унгарија (18 ч.), Германија – Хрватска (20.30 ч.).

ГРУПА 2
Холандија – Португалија синоќа
Словенија – Данска синоќа
Норвешка – Шведска синоќа
ТАБЕЛА
Данска 4 4 0 0 133-104 8
Шведска 4 3 0 1 124-111 6
Словенија 4 2 0 2 117-112 4
Португалија 4 2 0 2 130-139 2
Норвешка 4 1 0 3 117-126 2
Холандија 4 0 0 4 121-103 0

ЕП 2024

ПОЛУФИНАЛЕ
Данска – втор од групата 1
Франција – Шведска
ДУЕЛ ЗА ПЕТТО МЕСТО
Трет од групата 1 – Трет од групата 2
сите мечеви на програмата се в петок


СТАТИСТИКА

  • Листа на стрелци: Мартим Коста (Португалија) 46/66 (69,7 отсто успешност), Матијас Гидсел (Данска) 42/56 (84), Јури Кнор (Германија) 40/65 (61,5)
  • Најмногу одбрани: Андреас Волф (Германија) 66/180 (36,67 отсто), Константин Мостл (Австрија) 61/184 (33,15), Клемен Ферлин (Словенија) 53/191 (27,75)
  • Најбрз шут: Богдан Радивојевиќ (Србија) 129,46 км/ч.
  • Најбрз спринт: Дилан Нахи (Франција) 31,57 км/ч.
  • Најмногу асистенции: Недим Ремили (Франција) 39 (6,5)
  • Најмногу додавања: Лукас Хутечек (Австрија) 1.488 (99,4)
  • Најголемо истрчaно растојание: Лукас Хутечек (Австрија) 26,74 км
  • Најмногу погодени седмерци: Рутгер тен Велде (Холандија) 21/18 85,7