Избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров вчера требаше да го одржат и првиот тренинг во Диселдорф
РАКОМЕТ – ЕП 2024
Машката ракометна сениорска репрезентација на Македонија вчера пристигна во Германија, каде што утре (18 часот) ќе го започне своето осмо учество на европските првенства (ЕП). Прв противник на Македонија на ЕП (10-28 јануари) е актуелниот олимписки шампион Франција. Избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров вчера требаше да го одржат и првиот тренинг во Диселдорф, градот каде што на стадионот „Меркур Шпил Арена“, пред 50.000 гледачи (што ќе претставува и нов рекорд на гледаност на еден ракометен меч) и ќе го отворат ЕП.
Македонија го заврши подготвителниот период со уште една, трета победа над Грција со 33-30, одиграна во Скопје, но без присуство на гледачи. Претходно црвено-жолтите забележаа едно реми и две победи против Грција (првите две средби во Солун), а во Стара Пазова (Србија) ја совладаа и Црна Гора, селекции што се дел од ЕП во Германија.
Црвено-жолтите ќе го играат вториот дуел против Германија на 14 јануари (20.30 ч.) во Берлин, а третиот против Швајцарија, исто така во Берлин, два дена подоцна (18 ч.). Првите две селекции од секоја од шесте групи (од вкупно 24 репрезентации) одат во втората фаза.
Левото крило Цветан Кузманоски отпадна од комбинација за настап на ЕП меѓу 18-те повикани ракометари, што значи тој им се приклучи на осумте ракометари што се резерви и можат да бидат повикани од селекторот.
Во Германија отпатуваа следниве ракометари: Никола Митревски, Мартин Томовски, Марко Кизиќ, Филип Талески, Филип Кузмановски, Томислав Јагуриновски, Мартин Велковски, Давид Савревски, Иван Џонов, Марко Митев, Игор Ѓорѓиев, Никола Маркоски, Жарко Пешевски, Милан Лазаревски, Едвин Омерагиќ, Ненад Костески, Никола Костески и Петар Атанасијевиќ. Г.И.