Деновиве направивме тест-возење по магла во Скопската Котлина. Имено, со опаѓање на температурите, во многу делови на земјава тоа значеше и појава на
магла, особено во раните утрински часови. Тоа беше и повод со новинарска екипа да излеземе на терен и да ги тестираме и повозрасните и поискусни возачи,
а и т.н. новопечени возачи, да дознаеме со кои проблеми се соочуваат при управување со возило во услови на магла и да им ги пренесеме искуствата и препораките на нашите читатели, односно на јавноста. Реализацијата на идејата е во функција на побезбедно одвивање на патничкиот сообраќај во државата
Тест-возење по магла во околината на Скопје
Условите под кои се одвива сообраќајот во зимските месеци се по многу нешта специфични. Снег, мраз, голомразица, но и намалена видливост поради густата магла се причините што го отежнуваат нормалното одвивање на сообраќајот, како низ градските средини така и на патиштата што се трасирани по должината на речните корита, по долините, котлините и на планинските превои. Во овој период од годината, маглaта рано наутро и ноќе е сосема нормална и очекувана појава. Она што загрижува е фактот што маглата може да биде многу сериозен извор на опасности во сообраќајот доколку возачите не го приспособат своето однесување во сообраќајот во согласност со временските услови, односно во согласност со условите на патот.
Прв заклучок: Внимателноста е клучна
Маглата го намалува видното поле на возачот, ја намалува ориентацијата во просторот и доведува до погрешна процена за растојанието помеѓу возилата. Неретко, маглата и слабата видливост се причина за предизвикување верижна сообраќајна незгода во која учествуваат голем број возила, голем број возачи, а последиците може да бидат и катастрофални.
Појавата на магла се карактеризира со намалена видливост на патот, што ја намалува ориентацијата во просторот, возачот има погрешна процена за оддалеченоста со другите возила, а поради изразената влага во атмосферата доаѓа до лош контакт на гумите со подлогата. Видливоста на патот, пак, е условена од густината на маглата, замаглувањето и наросувањето на ветробранското стакло, како и од распрскувањето на светлосните зраци од сопственото возило и од возилата што доаѓаат од спротивен правец.
Ваквите услови и временски услови бараат од возачите посебна внимателност и приспособена брзина на возење. Без разлика дали и колку добро вие возите, никогаш возачите не можат со сигурност да тврдат дека додека учествуваат во сообраќајот ќе останат безбедни, бидејќи во сообраќајот учествуваат и други возачи, за чие сообраќајно однесување никој друг не може да биде одговорен.
Наши совети за побезбедно возење во услови на магла
За безбедно учество во сообраќајот, во услови на густа магла на патиштата, постојат основни и општоприфатени правила на однесување во сообраќајот насекаде низ светот, кои им се препорачува на возачите да ги почитуваат и да се придржуваат кон нив.
Во голем дел, нашите заклучоци од тест-возењето се и совети и препораки што секоја година Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги објавува со цел возачите да ја зголемат претпазливоста во овој период од годината!
Значи, силна е препораката во услови на намалена видливост и магла возачите секогаш да користат сoборени светла и (или) магленки (доколку маглата е густа и видливоста е помала од 100 метри), а доколку е потребно, возачите треба да вклучат четири трепкачи и, на крајот, доколку видливоста е многу намалена, да ја користат и сирената на автомобилот и да го отворат прозорецот за да можат да ги слушнат другите возила.
Во услови на густа магла, брзината на движење е од клучно значење и таа треба да биде приспособена пропорционално со намалената видливост на патот, со која возачот ќе може да застане пред која било пречка што ќе ја забележи.
– Не забрзувајте ја брзината на возење нагло и не забавувајте нагло, не правете нагли промени на правецот на движење и најважно: не кочете нагло! Секогаш држете безбедно растојание и секогаш возете блиску до десниот раб од коловозот. Никогаш не паркирајте на пат, особено во услови на магла а избегнувајте да престигнувате и да запирате на отворен пат!
Ако запирањето е неопходно, експертите велат дека е потребно да се постави соодветна сигнализација за обележување на возилото. Сигнализацијата треба да биде поставена на поголемо растојание од она на кое би ја поставиле во нормални услови.
– Ако учествувате во сообраќајна незгода во услови на густа магла, а притоа не ви се вклучени светлата за магла, тоа може да влијае на вашата можност да ги искористите вашите права од осигурувањето на возилото. Доколку не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот, едноставно прекинете го патувањето или одложете го за другпат кога ќе постојат соодветни услови… Д.Т.З.