Првата трага во истрагата за лажни закани со бомби во училиштата дојде од криптовалутите. Почетокот на истрагата беше поврзан со тие
виртуелни пари и плаќања од различни видови. Тие индиции ја водеа истрагата понатаму, а три возрасни лица беа приведени бидејќи трагите водеа до нив. Следниот чекор доведе до малолетници, меѓу кои и 13-годишно момче од Србија. Тој е осомничен дека ги испратил речиси сите пријави до училиштата во Србија, но и во соседните земји!

Истрагата за лажни бомби во училиштата дојде до изненадувачко сознание

Српската полиција дојде до шокантно сознание со кое расветли случај што долго време ги окупираше припадниците на полицијата и на обвинителството во обид да дојдат до извршителите и нарачателите. Бранко Стаменковиќ, главниот обвинител за високотехнолошки криминал, го опиша процесот на идентификација на испраќачите на пријави за подметнати бомби, главно во училиштата, поради што наставата беше прекината, а за што дополнително беа ангажирани и контрасубверзивни екипи на МВР.
– Уапсените полнолетни лица немаат семејни врски со малолетниците, туку до тие малолетници воделе нивните банкарски, односно сметки во криптобанка – рече Стаменковиќ.
Тој додаде дека се идентификувани уште двајца малолетници, двете момчиња се на возраст под 14 години, што е граница за кривична одговорност во Србија.
– Се испостави дека едно од тие момчиња, кое има 13 години, според основаните сомнежи што ги имаме во овој момент, а кои се поткрепени со докази, е тој што пратил пријави практично до сите училишта на територијата на Србија. И она што е интересно, не само во Србија туку и во соседните земји, на пример БиХ – нагласи Стаменковиќ.
Тој вели и дека момчето упатило закани што биле навистина страшни и дека во тие мејлови се споменуваат многу сериозни последици за учениците и училиштето.
– Но, во ниту еден случај, по едномесечна акција на припадниците на МВР, не е пронајдена ниту една експлозивна направа, така што вистинската опасност никогаш не постоела. Таа постоеше, практично, само во виртуелниот свет – посочи обвинителот.

Изостанува родителска контрола

Факт е дека технологиите се развиваат исклучително брзо, дека државните апарати се бавни дури и таму каде што постои волја земјата да ја „тријажира“ достапноста на содржините на интернет до младите луѓе и дека децата имаат голема предност во однос на своите родители бидејќи побрзо ги совладуваат новите технологии. Стаменковиќ, сепак, истакнува дека родителите на малолетниците што испраќале пријави за бомби сигурно морале да се сомневале дека нешто се случува.
– Гледате дека одредени суми се уплаќаат на вашата сметка, како родители. Тие се движат од 20, 50, па до 100 и повеќе евра. Значи, не знаете зошто ви доаѓаат тие пари. Разговарате со вашето дете и потоа детето лаконски ви кажува дека нешто заработило на интернет, на игри. Се покажува недостигот од контрола и сериозни анализи од страна на родителите за тоа што навистина се случува, од каде се парите и кој му ги плаќа на детето тие пари – вели Стаменковиќ.
Одговорноста на родителите, како што посочува тој, е директно поврзана, а децата помлади од 14 години не можат кривично да одговараат.
– Меѓутоа, ниту нивните родители не можат директно да одговараат кривично за тоа кривично дело, туку во конкретниот случај можат да одговараат за негрижа на малолетно лице – прецизира обвинителот.
Тој смета дека денешните деца се многу упатени во технологијата и дека тоа не е изненадување, но, во секој случај, тоа дефинитивно е аларм.
– Доколку тоа техничко знаење го надминува знаењето на голем дел од населението, како што се нивните родители или нивната околина, и таа технологија се користи за извршување криминални дела, тогаш системот мора да реагира соодветно. Прво, заштитете ги самите деца, бидејќи јас сум убеден дека децата не се целосно свесни што прават во тој момент поради нивната емоционална неразвиеност, но нивните родители мора да бидат свесни дека децата можат да направат нешто од такви размери и дека мора ги контролираат – вели обвинителот.

Сѐ почнува со прашањето „Како да не одам на училиште денеска“

Децата само со едно пребарување на Гугл доаѓаат до одговорот на прашањето – како да не одам на училиште денеска, предупредува Петар Васиќ, маркетинг-експерт што се занимава со вештачка интелигенција.
– Меѓу одговорите понудени на пребарувачот ќе има и – извештај за поставена бомба – вели Васиќ.
Тој потврдува и дека малолетниците можат доволно добро да се снајдат на интернет и лесно им е да заработат дигитални пари, односно криптовалути, што беше првата трага во истрагата за лажни извештаи за бомби.
– Тие пари се користат во игри, имаат своја вредност, можат да се заменат за „вистински“ пари во кој било дел од светот, децата што се добри во игрите можат многу да заработат и со тие пари да располагаат како што сакаат – објаснува Васиќ.