Седмиот протест на коалицијата „Србија против насилството“ се одржа пред зградата на Републичката изборна комисија (РИК). Во еден момент протестот се пресели пред Собранието на Град Белград, по што полицијата, со штитови ги потисна насобраните.
Претставници на опозицијата се обиделе да влезат во собраниската зграда, но полицијата внатре не им дозволила.
Протестот беше одбележан со бројни инциденти, граѓаните кршеа прозори и влезни врати, а уништени се и камери за видео надзор. Приведени се најмалку пет лица во заедничка операција на Министерството за внатрешни работи и на Обвинителството, дознава РТС.
Универзитетската професорка Билјана Стојковиќ за Н1 изјави дека четворица студенти биле уапсени близу чешката амбасада, дека биле внесени во цивилен автомобил и биле приведени од маскирани и вооружени лица.
Граѓаните фрлаа камења кон зградата на Градското собрание во Белград, а полицијата ги испрска со поголема количина солзавец.
На крајот полицијата и жандармеријата ги растурија демонстрациите на граѓаните.
Жандармеријата ги отстрани и новинарските екипи, посочувајќи дека треба да се спроведе увид, со што протестот заврши. Како што јави репортерот на „Данас“, во градското собрание влезе министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ свика итен состанок на Советот за национална безбедност, пренесува РТС.
Претходно беше најавено дека пред 23 часот тој повторно ќе се обрати до нацијата.
Вучиќ, претходно вечерва изјави дека е важно да се зачува мирот и повика на воздржаност.
– Важно е да се зачува мирот, да се уапсат насилниците и да се обезбеди иднината на нашите деца. Сакам, драги пријатели, да знаете дека секогаш сум на моето работно место и подготвен да ја заштитам стабилноста на земјата, повикувам на воздржаност, но и недвосмислено да ја зачуваме државата.Наша Србија.Единствена – напиша претседателот Вучиќ на својот инстаграм-профил.
Попладнево, пак, одржа прес-конференција на која оцени дека никаква револуција не се одвива и дека протестираат само околу 2.000 лица.